ЖИВОТОТ ИМ ВИСИ НА КОНЕЦ НА СЀ ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ, А НЕМА ОРГАНИ ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА Донор не може да биде пациент кој починал дома
Професор д-р Билјана Кузмановска појаснува дека починат донор на органи може да биде само пациент кај кого е дијагностицирана мозочна смрт. Тоа значи дека во мозокот нема циркулација на крв, мозокот не се исхранува и практично е мртов, а се одржува на интензивна нега благодарение на респиратор и на лекови, односно сѐ уште по вештачки пат се одржуваат срцето, белите дробови и циркулацијата.
На сѐ повеќе пациенти им е неопходна трансплантација на органи, но целиот свет е соочен со недостиг на органи што би можеле да се трансплантираат и затоа е многу важно да се зголеми свеста и да има што повеќе трансплантации од починат донор со мозочна смрт, вели во интервју за МИА, проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, специјалист по анестезиологија со реанимација од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и од Медицинскиот факултет при УКИМ.
– Ова е многу важна тема бидејќи за тоа ретко се разговара, а сепак во медицината е многу важна. Има сѐ повеќе пациенти на кои им е потребна неопходна трансплантација на органи или за продолжување на животот или за подобрување на квалитетот на нивниот живот. Меѓутоа, она со што се соочува целиот свет е недостиг на органи што би можеле да се трансплантираат и затоа се воведува методата кадаверична трансплантација или трансплантација од починат донор – појаснува Кузмановска.
Според Кузмановска, пред сѐ е потребно да се зголемат свеста и здравствената едукација на населението што значи трансплантација од починат донор.
– Починат донор не може да биде секој човек кој починал во домашни услови, надвор од интензивна, во болнички услови. Починат донор може да биде само пациент кај кого е дијагностицирана мозочна смрт. Тоа значи дека во мозокот нема циркулација на крв, мозокот не се исхранува и практично е мртов, а се одржува на интензивна нега благодарение на респиратор и на лекови, значи сѐ уште по вештачки пат се одржуваат срцето, белите дробови и циркулацијата – појаснува Кузмановска.
Во интервјуто, Кузмановска говори и за тоа како стоиме по бројот на трансплантации во однос на регионот и пошироко, за соработката со хрватското здравство и со какви проблеми се соочува процесот на трансплантација и како тие да се надминат.