ЖИВЕЕЛ НА СОЦИЈАЛНА ПОМОШ, А СЕ ВОЗЕЛ ВО ПОРШЕ Швајцарски суд му удри казна на Украинец од 84.000 евра
Украински бегалец три години примал социјална помош во Швајцарија, додека патувал низ Европа со луксузен автомобил
Швајцарски суд во кантонот Вод донесе пресуда со која украински бегалец е прогласен за злоупотреба на социјална помош и му наложи да ги врати сите средства што ги добивал во изминатите три години.
Според медиумските извештаи, станува збор за 40-годишен украински државјанин кој од државата примил околу 84.000 евра социјална помош, иако паралелно водел луксузен начин на живот.
Случајот го привлекол вниманието на институциите откако мажот бил забележан како патува низ Европа со нов „порше кајен“ со кожни седишта, што било во целосна спротивност со неговиот статус на лице кое прима зголемена социјална поддршка.
По спроведената истрага, судот утврдил дека бегалецот не ги исполнувал условите за примање на социјалната помош и дека средствата биле користени спротивно на намената.
Украинецот двапати се обидел да ја оспори одлуката, тврдејќи дека и натаму му е потребна финансиска поддршка за живот во Швајцарија, но судот ги одбил неговите жалби како неосновани.
Со конечната пресуда, судот му наложил целосно враќање на исплатените средства, а случајот беше оценет како пример за строга контрола на злоупотребите во системот на социјална заштита во земјата.
Швајцарските власти порачуваат дека ќе продолжат со засилени проверки за да спречат слични случаи и да обезбедат социјалната помош да стигнува до оние на кои навистина им е потребна.