ЖИВ СУМ Кадиров пак се јави на социјалните мрежи зборувајќи за своето здравје
Ако пеам, тоа значи дека сум жив. Здравјето ми е добро, ситни поправки правам на секои три месеци, а поголеми поправки на секои шест месеци, рече чеченскиот лидер во разговор со следбеник во живо на социјалната мрежа ВКонтакте.
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров повторно ги отфрли гласините дека е во лоша здравствена состојба во четвртокот вечерта. На своите следбеници на социјалните мрежи им порача: „Лекарите велат дека имам тело на млад човек“, пренесува Политико.
Кадиров, еден од клучните сојузници на рускиот претседател Владимир Путин во неговата сеопфатна војна против Украина, пренесуваше во живо на својот профил на социјалната мрежа ВКонтакте за време на вечерната прошетка кога следбеник се распрашуваше за неговото здравје.
-Ако пеам, тоа значи дека сум жив – рече Кадиров, кој објави видео на кое пее.
Кадиров на шега додаде:
– Здравјето ми е добро, ситни поправки правам на секои три месеци, а поголеми поправки на секои шест месеци.
Откако се појавија фотографии и снимки од неговиот надуен стомак, Кадиров постојано се бори со гласините за неговите здравствени проблеми.
На почетокот на овој месец, тој на руската државна телевизија тврдеше дека има медицински прегледи на секои три месеци и дека единствениот проблем што го има е „благ недостаток на витамин Д“.
Камерата потоа ја пресече снимката на која наводно се гледа како Кадиров прави 30 склекови, иако не беше јасно кога е направена снимката. Во април, Кадиров го покажа и својот режим на вежбање во теретана во обид да ги смири следбениците.