ВТОР ДЕН ДОЛНА МАТКА БЕЗ ВОДА Екипите на Водовод не работат на жешкото!

Од Водовод додаваат дека жителите на ова населено место во претходните денови имале прекини во водоснабдувањето поради тоа што водата неконтролирано се користела.

606

Веќе неколку дена жителите на Долна Матка имаат проблеми со водоснабдувањето и на овие пеколни температури тие се оставени со денови и со часови без вода за пиење.

Од ЈП Водовод и канализација за Плусинфо потврдија дека во текот на вчерашниот ден нивните екипи утврдиле дека е расипана главната пумпа и најавија дека дефектот ќе биде отстранет во текот на денов.






– Наши екипи работат на терен, но поради топлото време, тие може да работат во раните утрински часови или по 17 часот, според одлуката на Владата за заштита на населението и на работниците. Дефектот ќе биде саниран до крајот на денот – велат од Водовод.

Оттаму додаваат дека жителите на ова населено место во претходните денови имале прекини во водоснабдувањето поради тоа што неконтролирано се користела водата, иако од претпријатието повеќе пати досега апелираа за рационално користење на водата во овој тропски период кој ја зафати нашата земја.

Вчерашниот прекин на водоснабдувањето, пак, бил поради дефект на пумпата.

– Снема вода завчера околу пладне и дојде синоќа на полноќ, но од утрово повторно нема вода. Сакаме да знаеме дали конечно ќе се реши проблемот или пак ќе има прекини. Збунети сме, зашто имаше  различни верзии за причините за прекинот на водата, едни соседи велеа дека е расипана пумпата, други дека прекумерно се троши вода по дворовите и по нивите во околните села и до кај нас водата не стасува – сведочи жителка на Долна Матка.

И жителите на Горна Матка деновиве се пожалија дека биле оставени три дена без вода.

„Најверојатно е расипана главната пумпа, но проблемот се повторува секое лето. Сами си обезбедуваме вода од локалните продавници. Замислете како ни е во овие пеколни температури да немаме вода за пиење и за лична хигиена. Локалната и градската власт спијат и никој не се ангажирал да го реши проблемот“, реагираа жителите на Горна Матка и на Долна Матка пред три дена.

Тие побараа од надлежните веднаш да преземат мерки за обезбедување вода за населението.

Поврзани содржини