Жители на Ново Маало: Институциите да не помислат да го суспендираат планот за изградба кај „Холидеј ин“
Ако некој со суспензија ни ги загрози правата ќе поднесеме колективна тужба за претрпена огромна штета од 1930 до 2021 година, ако треба и до Стразбур.
Официјално поднесовме петиција до Владата и до Општина Центар со која бараме итно да постапат согласно законите и да овозможат изградба на комплексот кој е предвиден да се гради на паркингот на „Холидеј И“, информираат жителите на Ново Маало.
На петицијата, се потпишани повеќе од 330 жители на Ново Маало, но и соседи од Градски ѕид и граѓани кои им даваат поддршка.
– Ова го бараме, затоа што, за првпат по децении талкање низ лавиринтите на системот, семејствата кои живеат во услови како од 19 век, конечно добиваат можност за достоен живот. Со оваа петиција, даваме поддршка и на инвеститорот кој нуди обештетување на семејствата, а преку истата, најостро ги осудуваме најавите и барањата на поединци, организации и институции за стопирање на проектот – велат жителите на Ново Маало.
Тие велат дека никој нема право да одлучува за тоа како тие ќе живеат.
– Нема да дозволиме заради нивните неразумни барања да останеме да живееме во супстандарди услови, прокиснати кровови, септички јами, нерешено греење и депонија за отпад. На сите оние кои реагираат дека овој простор ќе стане бетонска џунгла и заслужува зеленило, им укажуваме дека сега освен калдрма по сокаци, кал до колена и распукан бетон на паркинг нема ништо друго – велат жителите.
Тие бараат Опшина Центар или било која друга институција воопшто да не помислуваатда го суспендира планот.
– Ако тоа се случи, ние жителите на Ново Маало сме подготвени да излеземе на протест. Никој никому не смее да ускратува право на нормален живот, за кој ние со години се бориме. А тие, кои бараат планот да се суспендира нека дојдат да живеаат во нашите трошни куќи, кои не можевме ниту да ги реновираме, со задоволство ќе се замениме со нивните удобни станови – велат жителите
Тие велат дека петиција е последно известување до институциите и дека се подготвени да ги преземат сите правни механизми. Жителите велат дека ако некој со суспензија им ги загрози правата ќе поднесат колективна тужба за претрпена огромна штета од 1930 до 2021 година, а ако треба ќе тужат и во Стразбур. Дополнително, ќе поднесат пријава до Управна инспекција заради непостапување на општината.