ЖЕСТОКА ОСУДА ЗА ИЗЛИВИТЕ НА ВЕЛИКОАЛБАНСКИ ШОВИНИЗАМ Демократски сојуз бара Обвинителството итно да реагира
Прикажувањето карти на Голема Албанија во музејот на УЧК во Сопот ја подгрева меѓуетничката омраза и го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија – укажува ДС.
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува вчерашните, како што вели, изливи на великоалбански шовинизам и величење на Голема Албанија при отворањето на т.н. Меморијален центар – музеј на УЧК во кумановското село Сопот, како и на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Шкупи и Вардар во скопски Чаир.
„Прикажувањето карти на Голема Албанија во музејот на УЧК во Сопот, кој го отвори лидерот на ДУИ Али Ахмети, и признанието дека на почетокот се бореле за Албанија, но дека сега Албанците биле господари во Македонија, ја подгрева меѓуетничката омраза и го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.
Истакнувањето пароли на фудбалскиот натпревар Шкупи-Вардар во кои се вели дека Албанците требало да го исполнат историскиот аманет Скопје да биде срцето на Албанија, е тешка великоалбанска провокација, на која не ѝ местото на спортски натпревар и е наменета единствено да го испровоцира мнозинскиот македонски народ“ – се вели во соопштението на ДС.
Демократскиот сојуз ги повикува Министерството за внатрешни работи, надлежното јавно обвинителство, како и Фудбалскиот сојуз на Македонија, да преземат соодветни прекршочни и кривични постапки против сторителите на овие сериозни националистички и шовинистички провокации.