ЖЕСТОКА БОРБА ОЧЕКУВАМЕ И НА ПОСЛЕДНИОТ ДЕН ОД КАМПАЊАТА Изборниот молк започнува на полноќ
Изборниот молк започнува на полноќ и ќе трае заклучно со 19:00 часот на 31 октомври, кога ќе бидат заклучени избирачките места.
Во вториот круг на локалните избори во Македонија, преостанаа да се изгласаат градоначалниците во уште 44 општини. Град Скопје е местото кадешто се водат најжестоките битки во кампањата, но возбудливо е и во Куманово, Тетово и Охрид.
Изборниот молк започнува на полноќ и ќе трае заклучно со 19:00 часот на 31 октомври, кога ќе бидат заклучени избирачките места.
Партиските лидери и кандидатите за градоначалници последните денови од кампањата ги користат да ги повикаат граѓаните во општините каде што се гласа масовно да излезат и да го искористат своето демократско право, но исто така сведоци сме на засилување на реториката на одредени кандидати и обиди за дискредитација.
Двата најголеми политички опоненти СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ синоќа беа меѓу скопјани. СДСМ во Карпош, каде еден од кандидатите за градоначалник е Душко Весковски, а свое обраќање имаа и кандидатот за градоначалник на Скопје Петре Шилегов, како и премиерот и лидер на партијата Зоран Заев, кој претходно во текот на денот имаше обраќање до нацијата и гостување на една од националните телевизии. ВМРО-ДПМНЕ имаше митинг во центарот на Скопје, каде зборуваа лидерот на партијата Христијан Мицкоски и кандидатката за градоначалник Данела Арсовска. ДУИ, пак, имаше собир во Тетово, каде нивна кандидатка е Теута Арифи, која имаше обраќање како и првиот човек на партијата Али Ахмети.
Заев искажа уверување дека успеале во овие десетина дена да испратиат сериозни пораки дека се обединети во коалицијата со партиите на Албанците и со граѓаните. Тој ја повика кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска да си поднесе оставка и да се повлече од кампањата, бидејќи вели, на најподмолен начин, се кандидира да биде градоначалник на Скопје- авангардата на државата, а е државјанин на странска земја за време на спорот со Бугарија и се обидува тоа да го сокрие.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, од централниот митинг на партијата во центарот на Скопје кажа дека е подготвен да ја плати секоја цена за слободата и за новата заедничка иднина.
Доколку е потребно, додаде тој, да се издржат сите измами и црна кампања на власта ќе го стори тоа и рече дека е подготвен да ја плати секоја цена за слободата и новата заедничка иднина во Македонија.
Според него, кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска деновиве е цел на, како што наведе, толку силни и подли напади, затоа што таа е сè што Шилегов и Заев не се во политиката.
Силата на Данела и нивната сила, рече Мицкоски, извира од мотивот да ги менуваат неморалот и работите што Шилегов и Заев ги претставуваат во политиката.
Државната изборна комисија ги завршува подготовките за вториот круг од локалните избори. Денеска до општинските изборни комисии се доставуваат терминалите за отпечатоци од прсти, што првпат се применуваат на овие избори за утврдување на идентот на гласачите. Вчера беа дистрибуирани и гласачките ливчиња. Гласањето за вториот круг од изборите почнува во сабота со гласање во домашни услови на болните, немоќните, лицата во изолација, затворениците, лицата во страските домови.