Жерновски до Ахмети: Битно е кој си, а не што си
Мене не ми е битно дали мојот пријател, комшија, премиер, омилен артист или спортист е Македонец или Албанец? Може да биде и Турчин, Србин, Ром, Бошњак, Влав... Ги сакам и Пандев и Елмас. Се дружам и со Бени, и со Перо. Не гледам на кого се молат, туку какви вредности имаат. Таква е денес мојата држава. Таква треба и да остане
Не стивнуваат критиките до лидерот на ДУИ Али Ахмети за предлогот Албанец премиер на Македонија. Заменик министер за надворешни работи Андреј Жерновски преку фејсбук порача дека му е жал дека колегите од ДУИ одлучиле да ја вратат политиката на етнички поделени граѓани.
– Навистина ми е жал што колегите од ДУИ одлучија да ја вратат на репертоар старата винил плоча со политиката на етнички поделени граѓани, каде не е битно кој си, туку што си. Зарем не е тоа платформа на минатото, а не на иднината? Зарем не ја оставивме позади нас поделбата на „наши” и „ваши”. Постоечкиот концептот на „Едно општество за сите”, како визија на СДСМ и Заев, не препознава разлики помеѓу етничките заедници, ниту помеѓу разните општествени малцински или маргинализирани групи. Станавме членка на НАТО и започнуваме преговори со ЕУ токму благодарение и на таквиот начин на размислување како современа и демократска држава, која е мозаик од различности – вели Жерновски.
Тој додава дека основната задача била и е да градиме толерантно општество и интегрирана држава, како предуслов за заедничкиот просперитет.
– Мене не ми е битно дали мојот пријател, комшија, премиер, омилен артист или спортист е Македонец или Албанец? Може да биде и Турчин, Србин, Ром, Бошњак, Влав… Ги сакам и Пандев и Елмас. Се дружам и со Бени, и со Перо. Не гледам на кого се молат, туку какви вредности имаат. Таква е денес мојата држава. Таква треба и да остане – порача Жерновски.