ЖЕНАТА ВО МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА Од идеализирана муза до субјект на љубовта и животот
Кај Кочо Рацин, на пример, ќе посочи поетот Бранко Цветкоски, жената често се појавува во контекст на социјалната реалност. Во поезијата на Блаже Конески, пак, нагласува Цветкоски, мотивот на жената се појавува во поинтимна и пофилозофска форма. Низ целокупниот развој на македонската поезија, мотивите на жената, женската убавина и љубовта кон жената остануваат едни од најсилните извори на поетска инспирација.
Мотивот на жената е една од најдлабоките и највлијателните теми во македонската поетска ризница. 8 Март –Денот на жената беше повод за разговор со тројца наши книжевници и мајстори на версот да проговориме за темата на жената во македонското поетско творештво. Бранко Цветкоски, Санде Стојчевски и Славе Ѓорго Димоски едни од нашите најценети современи македонски поети кои со своето богато творештво се меѓународно афирмирани, наградувани и преведувани автори, за МИА го анализираа мотивот на жената во поезијата, преку нивен избор на песни од македонската лирска поезија.
Бранко Цветкоски, поет, книжевен критичар, есеист, преведувач, публицист и издавач вели дека мотивите на жената, женската убавина, љубовта кон жената и копнежот по неа претставуваат едни од најтрајните и најраспространети теми во македонската поезија. Низ различните историски периоди тие се менуваат и добиваат нови значења, но секогаш остануваат силен извор на поетска инспирација. Од романтичниот и народно-лирски израз кај Константин Миладинов, преку модернистичките и симболични претстави кај поетите од XX век, до сложените и индивидуализирани визии во современата поезија, ликот на жената се развива од идеализирана муза до самостоен субјект на љубовта и животот.
Со појавата на модерната македонска поезија во XX век, мотивот на жената добива нови значења. Поетите почнуваат да ја прикажуваат љубовта не само како романтичен идеал, туку и како дел од сложената човечка судбина.
Кај Кочо Рацин, на пример, ќе посочи Цветкоски, жената често се појавува во контекст на социјалната реалност. Во песните од збирката „Бели мугри“, љубовта е поврзана со страдањето и тешкиот живот на обичниот човек. Во песната „Ленка“, ликот на младата девојка претставува симбол на младоста уништена од сиромаштијата и општествената неправда. Во оваа песна жената не е само предмет на љубов, туку трагичен лик кој ја претставува судбината на целиот народ.
Во поезијата на Блаже Конески, пак, нагласува Цветкоски, мотивот на жената се појавува во поинтимна и пофилозофска форма. Љубовта е прикажана како тивко, длабоко чувство, исполнето со размислување за минливоста на времето и човечките односи.
Еден еклатантен пример, за дискретна апологија за минливоста на животот и вечноста на убавината е песната „Убавите жени“ која, покрај повеќе други негови песни со љубовни мотиви, Конески го прави единствен и можеби првенец во креирањето на вечната невидливост и величие на љубовниот порив. Еве ја:
УБАВИТЕ ЖЕНИ (Блаже Конески)
Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале како цут од кајсија
како мајски јоргован. О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
Низ целокупниот развој на македонската поезија, мотивите на жената, женската убавина и љубовта кон жената остануваат едни од најсилните извори на поетска инспирација. Таа е муза, љубов, мајка, симбол на животот и духовната убавина, но и самостоен глас кој ја раскажува сопствената приказна. Токму затоа мотивот на жената останува една од најдлабоките и највлијателните теми во македонската поетска традиција, заклучува поетот Цветкоски.
Поетот, есеист, книжевен критичар и преведувач и Санде Стојчевски Лицето човеково, лицето на жената особено, е огледало на внатрешните радости и бури, на таа несогледлива територија. На него се испишани одблесоците на внатрешните состојби, често подзатемнети, раскошни загатки што повикуваат на толкување. Впрочем, и нашите далечни предци, со векови загледани во лицето нејзино, извикнале преку лирски одглас, преку неспоредлива метафора. Чујте:
жената е чаша викија,
половина ракија,
половина магија,
така читаме во зборниците со народни лирски песни. Како тогаш да остане трезен чвекот, како да остане немушт поетот пред тоа двојно пијанство, како да не побрза да испее фалби и чудење пред тоа раскошно таинство. Оттука доаѓа и магијата во стиховите и во песните посветени на Неа, затоа лирските обраќања кон жената се длабоки, таинствени, полни со восхит и со чудење. Вистинската лирска пофалба на жената затоа никогаш не е едноставна, плитка и праволиниска, туку претставува длабински зафат во напор да се согледаат сета разновидност и сето богатство на таа копнеана именка – жена!
Тие фалби се и восхит, и чудење, и напор да се дојде до разгатка, но секогаш се високи, велики, полни со подавање кон заводливиот центар. Полни се со молби, со надежи, со преклинања, извикнати со двогласје, со повеќетоналност, со повик! Ваквите песни се вистински јазични скулптури, извајани од избран лексички материјал, отпорен на корозија. Уште во Песна над песните може да се наслушне еден искрен, чист дијалог меѓу Неа и Него.
Возљубената: Јас сум саронски нарцис, долински крин!
Возљубениот: Она што е кринот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу момите!
Секако дека се воспева нејзината надворешна прелест, но уште подлабоки се погледите кон нејзината далека, темелна сушност, кон нејзината сложена природа. Затоа поетот Петар Т. Бошковски ќе запее:
Да ослепев, да не видев толку лична жена,
но брза да ја навести, да ја скицира нејзината неразмрслива суштина, богатото душевно клопче, па на непоставеното, но подразбрано прашање: Што е жената?, ќе додаде:
В ноќна вода угреана,
Жив билјур што блеска.
Нели е тоа поголeм комплимент од сите вообичаени ласки, ќе каже Стојчевски. Во својот избор на темава ќе ги приложи песните „Ана“ од Јован Котевски, „Штит од светлина“ од Бранко Цветкоски и „Ноќта е црна LIEBE MARIJA“ од Славе Ѓорго Димоски и Миладиновата „Бисера“.
БИСЕРА (Константин Миладинов)
Бисеро, моме, Бисеро,
Шчо носиш бисер на грло?
Твоето грло хубаво
И от дробнаго бисера
Илјада п’ти побело.
Бисеро, моме, Бисеро,
Зашчо со бисер покриваш
Твоето грло хубаво?
Ја нејќу бисер да баца
Тук сака твоето грло.
Бисеро, моме, Бисеро,
За кого низиш бисерот?
Ја дарои бисер не сака
Тук сака мома Бисера.
Поетот есеист и преведувач Славе Ѓорго Димоски исто ќе посочи дека жената отсекогаш била една од најсилните и најчестите поетски инспирации во светската поезија. Поетите преку ликот на жената ги изразувале и ги изразуваат најдлабоките човечки чувства: нежност, копнеж, восхит, болка, надеж. Во нивните стихови жената не се појавува само како конкретна личност, туку и како симбол на љубов, убавина, како жизнен порив кој го обликува светот, мајчинство, духовна сила, како радост и тага. Покрај овие класични определби преку кои се истакнати нејзината човечка големина и достоинство, во современата поезија, подвлекува тој, таа добива и поинакви димензии: таа зборува со сопствен и моќен глас, таа ја изразува својата слобода, својот идентитет и своите лични чувства.
За оваа прилика, негов избор е „Песна за жената“ од Гане Тодоровски.
Славе Ѓорѓо Димоски е авторот на поемата „Денес“, избрана како најдобра на конкурсот „Григор Прличев“ што секоја година го распишува Националната установа – центар за култура „Григор Прличев“.
– Поетот испеал вистинска ода во чест на жената. Тој во силен поетски занес жената ја претставил како извор на топлина, нежност и човечност, како хероина која низ љубовта, грижата и пожртвуваноста го одржува светот. Поетот ја истакнува хармонијата и важноста на жената во семејството и во општеството; таа е носителка на вредности и темел на животната средина; таа не е само љубовна партнерка, туку суштинска фигура која ги обликува животот и душата на човекот. Со ефектни лирски слики и со изразит јазичен ритам песната е топол, емотивен вруток кој кај читателот предизвикува силни и длабоки емоции. Преку конкретни и секојдневни моменти е прикажана длабоката врска помеѓу мажот и жената, помеѓу љубовта и животот; таа е претставена како инспирација која дава смисла и светлина во секојдневното постоење. Песната не е само естетско дело, туку и етичка порака за вредноста на жената во семејството и општеството. Тоа, всушност е и нејзината универзална порака. Тоа е крајниот воодушевувачки извик на поетот: у-ва, а-ва, и-ва, да е жива! да е жива! – подвлекува Димоски.
ПЕСНА ЗА ЖЕНАТА (Гане Тодоровски)
1
Жената е… жената е …
Бело маче годиначе,
речна слатка тресопатка,
вита ива миризлива,
мека трева што подгрева,
боцкав венец крај кладенец,
мрава, сешто што преправа,
кревко птиче назимниче,
тивка соба во злодоба,
прва љуба до прељуба,
свила што се распостила,
лето в сенка засолнето,
глина полна сончевина,
утро в сина виделина…
2.
Жената е… жената е …
гиздавица, жегавица, кивавица,
лизгавица, лигавица, ждригавица,
брадавица, државица, ракавица,
секавица, плусквица, букавица,
кукавица, валавица, палавица,
рскавица, витлавица, капавица.
брблавица, наздравица, и — лавица!
3.
Жената е… жената е …
Мома грда немаЖЕНА,
мома лична премаЖЕНА,
мома вредна трижмаЖЕНА,
млада вдова натаЖЕНА
пресна плуска раздраЖЕНА,
прва љубов разнеЖЕНА,
доцна вечер поснеЖЕНА,
златна лира обжеЖЕНА,
злост трижклета наеЖЕНА,
жед в сто грла намноЖЕНА,
ѕвезда в дланки доблиЖЕНА,
младост в жили раздвиЖЕНА,
мајка кутра загриЖЕНА,
сказна долга најслоЖЕНА,
жар во искри разлоЖЕНА,
желба в живот продолЖЕНА,
немаштина задолЖЕНА,
моќ со занес воруЖЕНА,
нејаснина опкруЖЕНА,
таа ЖЕНА … ЖЕНА … ЖЕНА!
4.
Жената те… жената те …
загледува, подгледува, надгледува,
завабува, забавува, заграбува,
преграбува, заслабува, доабува.
настрвува, зацрвува, оветвува,
расчувствува, блаженствува, тиранствува,
поседува, последува, проследува,
прославува, исправува, претставува,
прејадува, појадува, дојарува,
подгребува, прегребува, погребува,
досадува, засладува, подмладува,
зацедува, прецедува, доцедува,
у-ва, а-ва, и-ва, да е жива! да е жива!