ЖЕНА ВО СЛОВЕНИЈА УМРЕ ОД КАСНУВАЊЕ ОД ПОСКОК Прв смртен случај од змија отровница по 30 години
Поскокот е најотровната змија во Европа, која живее и во Македонија.
Жена на 80-годишна возраст почина вчера во Словенија, откако ја каснал поскок, најотровната змија во Европа, која ја има и во Македонија.
Словенечките здравствени власти јавија дека ова е прв смртен случај предизвикан од каснување од поскок по повеќе од три децении.
Несреќата се случила во понеделникот навечер, кога змијата ја каснала жената во рака.
– Раката ѝ отекла, а по околу 20 минути одење таа ја изгубила свеста. Откако се освестила, почувствувала силна болка во стомакот – изјави Миран Брвар, раководител на Центарот за токсикологија и фармакологија при Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, на итна прес-конференција.
Кога лекарите стигнале до неа, таа имала проблеми со дишењето, а нејзината состојба се влошувала.
– Ѝ дале вештачко дишење, а потоа ја реанимирале, но починала на пат кон болницата – додаде Брвар.
Тој потсети дека каснувањата од отровни змии се потенцијално смртоносни. Тој додаде и дека во соседната Хрватска, во последните 15 години, 3 лица починале од каснување од поскок.
Пред прес-конференцијата, Брвар објави информации за фаталниот случај на Икс.
„По неколку децении, се случи смртоносно каснување од змија. Избегнувајте змии. Во случај на каснување, повикајте помош што е можно поскоро“, напиша Брвар.