ЖЕНА ПОД ИСТРАГА ЗА ПЕКОЛОТ НА ХИОС Пожарите пустошат села, туристите и жителите во паника

Островот е прогласен за подрачје со вонредна состојба, откако пожарот опустоши големи површини шума и обработливо земјиште, а стотици жители беа принудени да ги напуштат своите домови.

558

Голем пожар трет ден ја пустоши грчкиот остров Хиос, каде стотици пожарникари и волонтери водат тешка битка со пламените јазици, додека полицијата истражува можноста пожарите да биле подметнати. Според информации на грчките медиуми, една жена е осомничена дека намерно предизвикала пожар и веќе е под истрага на локалните власти.

Островот е прогласен за подрачје со вонредна состојба, откако пожарот опустоши големи површини шума и обработливо земјиште, а стотици жители беа принудени да ги напуштат своите домови.






Според извештајот на „Ројтерс“, на терен се ангажирани повеќе од 400 пожарникари, 14 хеликоптери и 4 авиони кои интервенираат на неколку критични локации во североисточниот дел на Егејското Море.

 

Хиос се наоѓа во срцето на туристичката сезона, а властите со сите сили се обидуваат да спречат огнот да го зафати подрачјето познато по производството на мастика – природна смола која се добива од мастикови дрвја.

– Пожарот се приближи до куќите – изјави за Ројтерс локалниот жител Стаматис Зеонидис, додавајќи дека благодарение на волонтерите огнот бил привремено одбиен.

– Ситуацијата е многу тешка, има повеќе отворени фронтови и многу села се загрозени. Ги напуштивме работните места за да помогнеме. Се надеваме дека ќе го спасиме островот – додаде волонтерот Андонис Микудис.

– Сцените беа застрашувачки. Но, фала му на Бога, се надеваме дека нема да се прошири понатаму кон југ – рече волонтерот, Јоанис Псилос.

 

Поради засилениот северен ветер, гаснењето е уште потешко. Грчката противпожарна служба денес објави ново предупредување за евакуација на селата југозападно од градот Хиос, главниот град на островот.

– Сè уште е потребна многу работа за да се стават пожарите под контрола – изјави еден од официјалните претставници на пожарникарските единици.

Грција често се соочува со слични катастрофи за време на горештините, но последниве години, според властите, климатските промени ги прават пожарите уште поразорни.

Поврзани содржини