ЖЕНА И ДВЕ МАЛИ ДЕЦА ПРЕТЕПАНИ СЕ ИСФРЛЕНИ ОД ВОЗИЛО Насилникот и неговиот татко се уапсени
Обвинителството поведе истрага, а Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. По целосно прибирање на доказниот материјал, не е исклучена можноста и за потешка правна квалификација на делото.
Жена и две малолетни деца претепани вчера биле исфрлени од возило на подрачјето на Аеродром, од нејзиниот вонбрачен маж, соопшти полицијата.
Полицијата го уапси насилникот и неговиот татко кој со секира ги нападнал полицајците кои дошле да го приведат.
Како што соопшти полицијата настанот бил пријавен во Полициската станица Чаир вчера.
„Пријавено е дека околу 14.30 часот на подрачјето на Аеродром, 39-годишна жена заедно со две малолетни деца биле исфрлени од возило управувано од нејзиниот вонбрачен партнер Ф.Ф. (24 ) од село Радуша. При укажување на лекарска помош во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ констатирани се тешки телесни повреди како кај 39 годишната жена така и кај нејзините две малолетни деца, кои што според кажувањето на мајката биле предизвикани од Ф.Ф. кој што во изминатите три дена во куќа во селото Визбегово ги тепал со тврд предмет неа и нејзините две деца. Постапувајќи по пријавата полициски службеници го лишиле од слобода Ф.Ф., како и неговиот татко И.Ф (68) кој во текот на полициското службено постапување со секира ги нападнал полициските службеници“ наведуваат од МНР.
Оттаму информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следат соодветни пријави.
Обвинителство денеска соопшти дека почнало истрага против маж со обвинение дека сторил семејно насилство врз жената и двете деца и побара мерка притвор.
Според, обвинителството во период од 4 до 7 март, во семејниот дом во Визбегово, осомничениот 24-годишник со умисла во повеќе наврати вршел семејно насилство и со тупаници, клоци и тврд предмет и нанел тешки телесни повреди на оштетената негова вонбрачна партнерка и нејзините две малолетни деца на возраст од 10 и 4 години.
„Тој континуирано физички ја напаѓал жената, на која и нанел повеќе скршеници и други повреди. Кај помалото дете со тепање предизвикал хематом на црниот дроб, контузии со хематоракс на белодробно десно крило, лузни на лицето и отсуство на заби во устата, додека кај постарото предизвиканите тешки телесни повреди се животно загрозувачки скршеници на коски на череп. Со тешкото семејно насилство сакал да ги натера парите од просење да му ги носат нему“, се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. По целосно прибирање на доказниот материјал, не е исклучена можноста и за потешка правна квалификација на делото.