ЖЕЛБАТА ЗА ПРОФИТ Е ЕДИНСТВЕНА ПРИЧИНА ЗА НЕЗАПИРЛИВОТО ПОСКАПУВАЊЕ Експерти велат дека растот на цените при намалена инфлација е нереален

Експерти и економисти сметаат дека државата треба да ги искористи своите механизми и да спречи цените и натаму да растат неосновано, а граѓаните да го финансираат богатењето на одделни бизниси.

695

Желбата да се профитира е единственото оправдување за зголемувањето на цените на производите во услови кога инфлацијата има тенденција на намалување, а цените на влезните трошоци се намалени. Ваков е коментарот на економисти и експерти кои ги следат економските движења врз стандардот на граѓаните од секојдневното зголемување на цените на одделни производи во услови кога се намалува инфлацијата.

Според нив, државата треба да ги искористи своите механизми и да спречи цените и натаму да растат неосновано, а граѓаните да го финансираат богатењето на одделни бизниси.






Вината за оваа состојба од владата ја префрлија врз трговците, за што велат дека ќе следат казни и нови мерки за зауздување на цените, а со тоа и задржување на темпото на намалување на инфлацијата.

Економистот Маријанчо Николов вели дека реално нема основа за зголемување на цените на производите во овој период од годината и можеби до крајот на годинава бидејќи цените на енергенсите се драстично намалени и нема изгледи дека ќе растат со ланското темпо.

– Високите цени на енергенсите кои влијаат на трошоците на компаниите се далеку пониски од ланските, цената на горивата исто така варира и не е трошок кој може драстично да ги зголеми трошоците. Овие трошоци беа вкалкулирани во цените на производите, дури и пред мерките на владата со кои се замрзнаа цените. Дополнително, кај дел од производите и цената на суровините е непроменета. На пример, млекото. Откупната цена на млекото е непроменета повеќе години и затоа е неразбирливо која е причината за зголемената цена на овој производ. Исто е и со лебот. Пченицата беше откупена по ниска цена, брашното има непроменета цена, енергенсите се поевтини од лани и нема најави дека тие ќе растат во следниот период со ланското темпо бидејќи земјите веќе реагираа тоа да не се случи, што треба да го направи и нашата влада. Тоа говори дека компаниите не само што немаат основ да ги зголемат цените на производите сега, туку немаат основ и да претпоставуваат дека во следниот период ќе растат цените на енергенсите, освен ако им се зголемиле трошоците за работна сила како резултат на зголемување на платите за да се задржат работниците, но тоа треба да се докаже. Во такви услови секое зголемување на цената е нереално и се заснова на желбата да се обезбеди поголем профит, што пак на подолг рок ќе влијае и на самите компании поради намалениот промет – вели Николов.

Според него, во следниот период инфлацијата ќе се задржи на сегашното ниво или ќе порасне, но не како лани.

– Моите очекувања се дека цените на енергенсите нема да го достигнат ланското ниво иако доаѓа зимата, бидејќи на глобално ниво земјите се мобилизираат да обезбедат резерви од енергенси. Нашата влада во отсуство на можност за складирање на некои од енергенсите треба да обезбеди фјучерси, се разбира ако тоа го предлагаат оние кои ги следат берзите. Во некои случаи потребно е и да се ризикува, но не и да се остави неизвесност околу цената на енергенсите – вели тој.

Професорот Здравко Савевски смета треба да се види по области дали зголемувањето на цените е реално или е само изговор на бизнисмените да профитираат од инфлацијата.

– Можно е да се работи за изговор, а не дека е одраз на реалната ситуација. Затоа треба да се разгледуваат областите поединечно и дали зголемувањето на цените е резултат на инфлаторните притисоци со кои се правдаат компаниите. Кај одделни производи тоа е одраз на реалните трошоци, но кај другите тоа може да биде само изговор за зголемување на профитот. Во однос на храната имаме реален инфлаторен притисок кој доаѓа од надвор, но во другите области такви притисоци нема и треба да се види кои се причините за растот на цените – вели Савевски.

Тој смета дека платата не може да биде образложение за растот на цените, бидејќи нејзиниот реален раст по месеци е под растот на стапката на инфлација.

Споредбата на растот на реалната плата и стапката на инфлација говори дека во целиот изминат период реалната плата беше под стапката на инфлација, освен во јули кога се изедначи со стапката на инфлација. Во овој случај бизнисот го користи незнаењето на граѓаните бидејќи го користи процентот на раст на номиналната пата од 14%, но оваа плата не ја одразува реалната куповна моќ. Реалната плата пак е одраз на реалната куповна моќ и тоа треба да го знаат граѓаните, вели Савевски.

И двајцата економисти сметаат дека компаниите не се однесуваат соодветно на условите бидејќи во услови кога им престанаа причините за високите цени на производите, тие не ги намалија.

– Додека во светот се зборува за пад на инфлацијата и за цени, кај нас се зборува за инфлација и за раст на цените. Практиката покажа дека и покрај драстичниот пад на цените на енергенсите – струјата или берзанските цени на храната, не видовме намалување на цените на производите иако тоа цело време беше причина за зголемување на цените. Цените останаа исти, па дури и се зголемуваат нереално и без причина. Цените растеа дури и во периодот на владините мерки кога беа замрзнати. За целиот овој период компаниите профитираа од овие цени на сметка на граѓаните кои плаќаа тие да се богатат. Тоа говори дека цените кај нас не се флексибилни кон одење надолу и заедно со инфлацијата служат за богатење. Инфлацијата најчесто се користи за оправдување на влезните трошоци и како причина за зголемување на цените на производите, реално или нереално – вели Савевски.

Тој додава дека граѓаните треба да бидат будни и да реагираат како што го направија тоа со најавата за поскапување на лебот што резултираше со повлекување на производителите од таквата намера.

Очекувањата и на двајцата се реакција на владата со анализа на целокупната состојба, со нови мерки кои ќе бидат или замрзнати цени или помош на граѓаните за да се одржи потрошувачката која е важна за развојот на економијата, но и со ангажман на контролните механизми да не се случуваат вакви зголемувања на цените кои влијаат и на натамошниот раст на инфлацијата и осиромашување на граѓаните. Државата, сметаат тие, треба да го зголеми домашното производство на основни производи со што ќе се одбегне потребата увозните цени на репроматеријалите да ги диктираат цените на крајните производи.

Владата, пак, ги оправда дел од поскапувањата со однесувањето на трговците и најави целосна анализа на проблемот и соодветни мерки.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска изјави дека нема да се толерира никој што ќе носи штетни одлуки за граѓаните.

– Се прават последните анализи, а тоа што го знаеме и веќе полека го утврдуваме е дека млечните производи не се поскапуваат од страна на производителите, тие се доведени во ситуација да ги поскапат за одреден процент производите поради притисокот од трговците. Штом ги дознаеме сите информации, соодветно ќе постапиме, дали со замрзнување на цените или со други мерки. Добрите практики во трговијата не се практикуваат кај нас. Многу лесно со неколку прашања може да видите какво неетичко и нефер однесување имаат некои трговски ланци. Во овој момент не би сакал да кажувам имиња, штом ги добиеме, ќе бидат кажани. Јас не можам да останам нем на нефер практики во трговијата, а особено на практики кои одат на штета на моите сограѓани и на мене. Сѐ додека сум на оваа позиција нема да останам нем, а практиките што тие ги практикуваат сметам дека ќе треба да бидат оставени за друго време – рече Битиќи.

За поскапувањето на лебот, тој потсети дека преработувачите веќе се изјаснија дека биле шпекулации.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индексот на трошоците на животот во јули 2023 година, во однос на јули 2022 година, бележи зголемување од 8,4%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4,9%.

Споредбата со претходните години е следна:

Индексот на трошоците на животот во јули 2022 година, во однос на јули 2021 година е зголемен за 16%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 14%.

Индексот на трошоците на животот во јули 2021 година, во однос на јули 2020 година, бележи зголемување од 3,4%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,4%.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни 2023 година, во однос на јуни 2022 година номинално е зголемена за 14,6%, а реалниот раст на платата за овој месец изнесува 4,9%.

Поврзани содржини