ЖДРЕБУВАЊЕ НЕДЕЛАВА ВО ДИК Истече рокот за потврдување на кандидатите за градоначалници и советници
Со Кодексот за фер и демократски избори, што го усвои ДИК, учесниците во изборниот процес ќе се обврзат да ги почитуваат принципите на демократија и доброто владеење, со цел да се зацврстат фундаменталните вредности на демократијата и довербата во изборниот систем.
Синоќа истече рокот до кој општинските изборни комисии (ОИК) официјално требаше да ги потврдат сите листи на кандидати за градоначалници и членови на општинските совети и Советот на Град Скопје поднесени од политичките партии, коалициите и групи граѓани за учество на локалните избори закажани за 17 октомври.
Вака потврдените листи, ОИК ги доставува до Државната изборна комисија (ДИК), која најдоцна до 23 септември треба да изврши жребување за нивниот редослед на гласачките ливчиња. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. По извршениот жреб потврдените кандидатски листите ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и огласени од страна на избирачките одбори.
Исто така, најдоцна од 23 септември, е предвидено овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи на кандидати за локалните избори, на централно ниво, да потпишат Кодекс за фер и демократски избори, во организација на Државната изборна комисија, а во соработка со Националниот демократски институт.
Со Кодексот за фер и демократски избори, што го усвои ДИК, учесниците во изборниот процес ќе се обврзат да ги почитуваат принципите на демократија и доброто владеење, со цел да се зацврстат фундаменталните вредности на демократијата и довербата во изборниот систем. Со Кодексот за фер и демократски избори учесниците во изборниот процес, исто така, ќе се обврзуваат да ги почитуваат законите кои се релевантни за изборите и да не вршат притисок врз гласачите, да не се користи говор на омраза и да не се врши дискриминација врз основа на пол.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) претходно ги информираше радиодифузерите дека со новодонесените измени и дополнувања на Изборниот законик, се определува нов начин на утврдување на ценовниците за емитување платено политичко рекламирање (ППР), што ќе се применува и за претстојните локалните избори, поради што е пропишан дополнителен рок за достава на ценовници.