Жбогар и амбасадорите од ЕУ: Очекуваме партиите да водат кампања во рамките на законот, со почитување на мерки за ковид-19
Бидејќи Република Северна Македонија наскоро ќе ги отпочне пристапните преговори со Европската Унија, враќањето на целосното функционирање на собранието ќе и биде од корист на земјата.
Шефот на Делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар и амбасадорите на земјите-членки претставени во Скопје денеска преку заедничка изјава го поздравија договорот за датум за избори постигнат помеѓу политичките партии и укажаа дека очекуваат сите чинители во изборниот процес да се однесуваат според законот, а во актуелните услови на пандемија на ковид-19 дека ќе ги почируваат сите мерки на претпазливозт за заштита на здравјето на граѓаните.
Ја пренесуваме изјавата во целост:
„Го поздравуваме договорот за датум за избори постигнат помеѓу политичките партии. Ја признаваме улогата на Претседателот на земјата во олеснувањето на дијалогот меѓу партиите овозможувајќи и на земјата да го продолжи изборниот процес врз основа на консензус и да спроведе слободни, фер и кредибилни избори.
Убедени сме дека граѓаните на Република Северна Македонија ќе ја покажат својата посветеност на парламентарната демократија остварувајќи го своето право на глас за насоката и приоритетите на земјата.
Бидејќи Република Северна Македонија наскоро ќе ги отпочне пристапните преговори со Европската Унија, враќањето на целосното функционирање на собранието ќе и биде од корист на земјата и ќе и овозможи да продолжи да ги спроведува клучните реформи, како и да се подготви за преговори.
Како Европејци, сите заедно се соочуваме со последиците од кризата со ковид-19. Кризата не е завршена и почитувањето на сите мерки на претпазливост е сѐ уште од голема важност за сите нас. Го поздравуваме воведувањето протоколи и процедури кои им овозможуваат на граѓаните да ги остварат своите демократски права, истовремено осигурувајќи дека нивното здравје и безбедност се заштитени и ги охрабруваме оние што се одговорни за нивното спроведување, да ја добијат потребната обука и поддршка.
Државната изборна комисија во овој момент има посебни должности, кои мора да се извршуваат на независен и професионален начин во интерес на земјата и со поддршка од други државни институции. Во интерес на воспоставување меѓународно признавање на слободни и фер избори, ја поздравуваме одлуката на ОБСЕ / ОДИХР да ги оцени изборите.
Очекуваме сите политички партии да водат кампања во рамките на законот, со почитување на сите мерки на претпазливост од ковид-19. Изборниот процес е можност политичките актери, од сите страни, да ја потврдат и јасно да ја покажат својата посветеност на владеењето на правото и почитувањето на највисоките европски стандарди, вклучително и со избегнување на потпалувачки говор, лажни вести и дискриминација.
Ја признаваме важноста на слободни и независни медиуми за демократијата и ги охрабруваме да ја извршуваат својата важна улога, особено за време на изборите, професионално и совесно, обезбедувајќи им на граѓаните веродостојни информации за нивните одлуки во гласачката кутија“.