Апелациониот суд Скопје донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот Жан Митрев и обвинетото правно лице ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев од Скопје, и го потврди предлогот за определување привремени мерки за обезбедување на имотно-правно побарување на Основното јавно обвинителство Скопје спрема обвинетиот и обвинетото правно лице.
„Советот на овој суд најде дека првостепениот суд правилно постапил кога го прифатил предлогот на Обвинителството и спрема обвинетите определил привремени мерки – забрана за оптоварување и располагање со недвижноста наведена во изреката на решението, како и забраната за исплата на износите наведени во изреката на обжаленото решение од сметките на правното лице за износите за кои е определена мерката, наоѓајќи дека се исполнети сите законски услови“, стои во соопштението од Апелација.
Лекарот Жан Митрев, како физичко лице и неговата болница, како правно лице, се товарат за продолжено кривично дело „измама“.
Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година објави документарец по наслов „Нечиста крв“ за наводни измами при користење на методата хемофилтрација при лекување на пациенти со ковид-19.