СЕКОЈ ИМА ПРАВО СО КОГО САКА ДА СЕДИ ВО КАФЕАНА Максим Димитриевски ја коментираше фотката на Црвенковски со кандидатка на ЗНАМ
Со Црвенковски сме добри пријатели. Тој е еден од основоположниците на СДСМ и човек кој го почитувам. Добар дел од луѓето во ЗНАМ се поранешни членови на СДСМ, разочарани од тоа што денес се случува во таа партија. Секој има право со кого сака да седи во кафеана, изјави лидерот на ЗНАМ во гостување на ТВ Сител.
Во вечерашното гостување во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, се осврна на актуелните политички случувања и состојбата во СДСМ, коментирајќи ја фотографијата која денеска се појави во медиумите и на социјалните мрежи, на која се прикажани поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, и носителката на советничката листа од ЗНАМ во Охрид.
– Со Црвенковски сме добри пријатели. Тој е еден од основоположниците на СДСМ и човек кој го почитувам. Добар дел од луѓето во ЗНАМ се поранешни членови на СДСМ, разочарани од тоа што денес се случува во таа партија. Секој има право со кого сака да седи во кафеана – рече Димитриевски.
Тој притоа покажа фотографија од актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, снимена во времето кога бил советник на министерот за здравство Никола Тодоров во Владата на Никола Груевски.
– Жалам што СДСМ дојде до ова дереџе – човек со милион афери, со златна виза за Дубаи, со луксузирање на јахти, кој се продава за чесна душа, денес ја води таа партија. И уште прави алузии на зборовите на Црвенковски – ‘или си СДСМ или не си’. Можеби тој наскоро ќе си замине, но сите тие што денес ја водат партијата треба час поскоро да си одат. Не може лажен социјалдемократ како Филипче да ја води социјалдемократијата во Македонија – изјави Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ потенцираше дека СДСМ за него е завршена приказна, а дека ЗНАМ е автохтоно и автономно политичко движење, вистински коректор на власта – но никогаш нечија продолжена рака, како што некои сакаат да прикажат.
Одговарајќи на прашањето од кого очекува поддршка на претстојните избори, Димитриевски истакна:
– Јас не сум градоначалник на партија, туку градоначалник на сите граѓани. Работам за доброто на сите нив. Очекувам убедлива победа уште во првиот круг, а доколку има втор круг – очекувам поддршка од сите гласачи, без разлика кого поддржале претходно. Вклучувајќи ги и некои од политичките партии на Албанците, како партнерот во власта „Вреди“, бидејќи тие не ги носат гласовите во џеб – изјави тој.
Во продолжение, Димитриевски истакна дека е свесен оти секој градоначалник има и задоволни и незадоволни граѓани:
– Така е и во Куманово. На сите незадоволни им ветувам дека во следниот мандат ќе се обидам да ги задоволам сите нивни потреби,“ рече тој.
На прашањето што ќе направи првиот работен ден во новиот – трет мандат, лидерот на ЗНАМ децидно одговори:
Димитриевски објасни дека уште од првиот ден ќе работи на надминување на блокадите во ЈП „Чистота и зеленило“, за да се исплатат долговите што ги оставиле неговите претходници – „оние што денес повторно бараат власт“.
– Тие го задолжија Куманово во периодот од 2004 до 2012 година. Со вбризгување буџетски средства и со надминување на судските опструкции ќе го стабилизираме претпријатието и ќе го исчистиме градот – изјави Димитриевски, додавајќи дека потоа ќе продолжи реализацијата на 37 големи инфраструктурни проекти, меѓу кои и целосно нова детска градинка, за која веќе се обезбедени средства и е завршена тендерската постапка.