ЗГРАДИТЕ НА ФЕИТ И НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ФИЗИЧКА КУЛТУРА НАМЕРНО БИЛЕ ЗАПУШТЕНИ 10 ГОДИНИ Јаневска вети дека ќе бидат доградени во мандатот на оваа Влада, една по една

Министерката за образование, Весна Јаневска, порача дека иако засега не е можно образовните асистенти да се вработуваат трајно бидејќи потребите на училиштата се менуваат од година во година, таа е подготвена да го поддржи таквиот чекор штом се појави реална можност.

495

Министерката за образование, Весна Јаневска, смета дека објектите на ФЕИТ и Факултетот за физичка култура намерно биле оставени недоградени цели 10 години, бидејќи биле започнати како проекти на ВМРО-ДПМНЕ, без да се води грижа за интересите на студентите, професорите и за знаењето.

– Научно-технолошкиот парк нема никаква врска со тие 2 згради. Тие две згради се политика на Министерството за образование и наука, политика на државата, а научно-технолошкиот парк е неопходна потреба на државата – подвлекува министерката во интервју за Радио Слободна Европа.






Таа посочи и дека не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовните асистенти зашто потребите во училиштата се променливи. Таа порачува дека ако во иднина се појави можност дел од асистентите трајно да се вработат, тоа со задоволство ќе го прифати, но дека нема да дава лажна надеж.

Министерката најавува оптимизирање на дел од училиштата, но не прецизира колку од нив ќе бидат затворени. Информира дека некои школи се веќе со клуч на врата, веројатно околу стотина подрачја каде нема деца и таму на градоначалниците им се препорачува да ги пренаменат објектите – за старски дом или за некаков клуб.

Во врска со резултатите од ПИСА тестирањата, Јаневска гледа најмала грешка во наставниците, а поголем притисок и предизвик, како што нагласува, наоѓа кај родителите и кај целото општество.

– Мојата порака до родителите е да бидат мирни. Министерството, кое е надлежно за ресурсните центри кои што ги објавуваат конкурсите за образовни асистенти, комуницира, е во контакт и врши одреден надзор. Но, сепак, родителите треба да знаат дека прво училиштата пријавуваат колку образовни асистенти им се потребни. За тоа треба време, прво да се запишат децата, па училиштата да утврдат колку деца имаат со посебни образовни потреби за да можат да пријават до ресурсниот центар. Образовните асистенти не се трајно вработени. Причината е што потребите за нив секоја година се менуваат. Ако се зголемат потребите, ние го зголемуваме бројот на асистенти – објаснува Јаневска.

Минатата власт завршила со 300 асистенти помалку од оваа година.

– Тогаш биле ангажирани да речеме околу 1.000 асистенти, а сега се ангажирани 1.876 за основно образование. Предвидовме, без да ја знаеме реалната бројка што ја очекуваме и за средно образование околу 150 асистенти и обезбедивме средства за нив. Штом ги добиеме финалните бројки, ќе продолжиме со процедурите за обезбедување образовни асистенти – децидна е Јаневска.

Според неа, резултатите од ПИСА јасно ги лоцираат проблемите.

– Ќе почнам од најдалечните проблеми – тоа што несериозно се сфаќаше ПИСА тестирањето, и меѓу наставниците и меѓу учениците не беше јасно дека ПИСА тестирањето ја претставува државата. Друго, учениците, бидејќи знаеја дека тоа не е за оценка, многу лежерно се однесуваа кон ПИСА тестирањето. Трето, има грешки во преводите на ПИСА тестирањето, барем така ми кажуваат стручни лица, и тој превод ќе треба добро да се провери и да се направи посоодветен. Четврто, наставниците треба да знаат на што треба да обрнат внимание и ние тоа го работиме. Бирото за развој на образованието веќе работи со наставниците за да им посочи на што треба да обрнат внимание, кога децата се подготвуваат за животот, не за ПИСА тестирањето – вели министерката.

Поврзани содржини