ЗГРАДИ ДО 5 КАТА ЌЕ ИМА КАЈ „ТРЕСКА“ Јавноста се замајува со шпекулации за облакодери и со бетонизација
Планот за градба е во согласност со конкретниот урбанистички план за просторот кај „Треска“, донесен во 2012 година и предвидува згради од најмногу приземје со 5 ката и поткровје, во класична блоковска распореденост, со многу зеленило меѓу нив, но и со голем парк во комплексот.
Чиста шпекулација е бетонизирање на просторот, велат сопствениците на приватните парцели на опфатот „Треска“ во врска со информациите кои излегоа во јавноста дека на оваа локација ќе се градат облакодери, или пак дека ќе се задуши просторот.
Тие појаснуваат дека нивниот план е во согласност со конкретниот урбанистички план за просторот кај „Треска“, кој е донесен во 2012 година и предвидува изградба на згради со височина од најмногу приземје со 5 ката и поткровје, а во дел и приземје со 4 ката и поткровје, во класична блоковска распореденост, со многу зеленило помеѓу зградите, но и со голем парк во рамки на комплексот. Всушност, се работи за максимална висина која нема да надмине вкупно 16 метри, што е сосема спротивно на досегашните шпекулации во јавноста.
Сопствениците потсетуваат и на конкурсот за идејни решенија за оваа локација и концептите кои биле пристигнати, а се всушност надвор од урбанистичките регулативи и параметрите кои ги дозволува важечкиот ДУП. Во јавноста веќе беа презентирани овие идејни решенија и објавени во јавноста на веб-страницата на Општина Центар, а и сè уште се достапни на линкот: https://marh.mk/izvestaj/
Таму се наведува дека прворангираниот концепт од идејните решенија е оформен од пет полуотворени станбени блокови со комбинирана катност од приземје + 4 ката, но и до приземје + 8 ката, што е 3 ката над дозволената висина согласно актуелниот ДУП. Второрангираното решение предвидува станбени блокови со приземје + 6 ката и станбени кули со 17 ката, додека треторангираното конкурсно решение предвидува вертикален елемент кула од 71 метар со намена хотел. Урбанистички можеби висината не е единствениот параметар кој се гледа, но сепак понудените конкурсните решенија излегуваат од важечката регулатива, наспроти планот на сопствениците на градежните парцели, кои ветуваат ниска градба, со многу зеленило и јавни површини.
Она што е реалната слика, согласно најавите од сопствениците на парцелите на поранешната фабрика „Треска“, е дека е предвидена изградба на комплекс од вкупно 6 блока, при што најмалиот е со вкупна површина од околу 3900 м2, додека најголемиот 8920 м2, и кај сите 6 блокови се предвидува голема површина на зеленило како партерно уредување.
Она што е важно да се потенцира е дека актуелниот ДУП од 2012 година, на оваа површина предвидува само 5% зеленило, меѓутоа инвеститорите предвидуваат и повеќе од законскиот минимум од 20%, или вкупно 8200 м2 зелена површина како партерно уредување во рамки на блоковите, а дополнително предвидена е и изградба на јавен парк со вкупна површина од 9474 м2. Согласно ова, вкупното зеленило предвидено за овој простор достигнува близу 18.000 м2, што е значително над минимумот кој го наложува новиот Закон за урбано зеленило.
– Каков ќе биде исходот и што точно ќе биде изградено на оваа локација, се надеваме дека јавноста ќе дознае наскоро. Но она што е важно е дека оваа локација, која сега е мини депонија во сред Центар, мора да се реши и урбанизира. Впрочем, урбанизација и конечно решение за „Треска“ бараат и жителите од околните згради затоа што она што е останато од некогашната фабрика за мебел е потенцијален извор на инфекции – наведуваат сопствениците на приватните парцели на опфатот „Треска“.