ЗГРАДА ОД 11 КАТА ЌЕ НИКНЕ ВО КАРПОШ Јакимовски вели дека ќе се гради на приватна парцела
Со сегашниот план предвидени се и четири цркви, кои, како што вели Јакимовски се исклучиво по барање на граѓаните.
Зграда од 11 ката ќе се гради на приватно земјиште кај киното Карпош, изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски, во Студио 10 на ТВ 24. Тој рече дека ДУП-от за овој дел од општината бил изработен од претходните градоначалници и дека сегашната верзија е малку изменета. Предложениот ДУП за Карпош предизвика реакции кај граѓаните.
– Кај кино Карпош ќе има една зграда од 11 ката. Тоа е приватно земјиште, но мора на совет да помине. Овој план е подготвен од претходниот градоначалник. Има законски ограничувања на кои ние не можеме да влијаеме. Не можеме да нацртаме трева или да ја избришеме парцелата – вели Јакимовски.
Со сегашниот план предвидени се и четири цркви, кои, како што вели Јакимовски се исклучиво по барање на граѓаните. На прашањето дали доколку граѓаните се изјаснат дека сакаат џамија во овој дел од градот тоа ќе се изгради, тој потенцираше дека овде живее 98% христијанско население.
– Црквите се по барање на граѓаните. Предвидени се 4 цркви бидејќи 98% од населението во Карпош се христијани. Нашиот план е на 10-12.000 жители да има една црква – изјави Јакимовски во Студио 10.