Згаснува Еуростандард банка, Народна банка бара стечај
Гуврнерката на Централната банка рече дека се направени максимални напори за да не се затвори банката, но кредитните загуби биле големи.
Народната банка ѝ ја одзеде дозволата и утре ќе побара стечајна постапка за „Еуростандард банка“, најави на прес-конференција гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска рече дека се направени максимални напори за да не се затвори банката, но кредитните загуби биле големи.
– Вложивме исклучителен напор да не дојде до затворање на банката. Првенствено нашите напори се забележливи во супервизорските мерки кои ги спроведовме. Преку акционерите се обидовме банката да се стабилизира и да почне нормално да функционира. Кредитните загуби наметнаа потреба од поголеми вложувања кои не се реализираа – рече гивернерката.
Што се однесува до депозитите на физички лица ,гувернерката информира дека, на 99,4 отсто од депонентите ќе им бидат исплатени во законските рокови, според условите на Фондот за осигурување на депозитите во најкус рок.
– Согласно 31 јули 2020 година, обесштетени ќе бидат 136.619 депоненти со вкупно 4,4 милијарди денари. Останатите 780 депоненти нема да бидат обесштетени или нема да бидат обесштетни во целост зашто ќе се покриваат само сумите во банката до 30.000 евра – соопшти гувернерката.
Таа изрази надеж дека другите банки ќе излезат во пресрет на клиентите на Еуростандард банка и ќе ги преземат вработените бидејќи, како што рече, се работи за квалитетен кадар.
– Уверени сме дека банките ќе излезат во пресрет на досегашните клиенти на Еуростандард банка со своите услуги и производи. Со тоа, ќе се потврди дека нашиот банкарски систем не само што е стабилен, туку и општествено одговорен – рече таа.
Ангеловска-Бежоска рече дека други банки во земјава работат со добивка.
Еуростандард банка во вкупниот банкарски сектор учествува со 1,3 до 1,7 отсто од вкупните депозити и кредити.