ЗЕМАЛЕ ПОТКУП ОД СИНОТ НА ГАЗДА ДЕКО, ЗА ДА МУ ДОЈАВАТ ЗА КОНТРОЛИ НА УЈП ВО „ПУЛС“ Обвинителството бара притвор за двајца даночни контролори

Двајца даночни контролори од УЈП Штип ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот „Пулс“, соопшти Обвинителството.

230

Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот „Пулс“, соопшти Обвинителството.

За тројца од нив донесена е наредба за спроведување истрага.






„Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот. Тие се осомничени за делото Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице, син на реалниот сопственик на „Пулс“ е осомничен за делото Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик“, соопшти Јавното обвинителство.

За првите двајца Обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс”, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените, додава ЈО во соопштението.

„Шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти „ММММ“ кафе и „Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. За нив се предложени мерки на претпазливост“, соопшти ЈО.

Сопственикот на „Пулс“, кој веќе е во притвор во другиот предмет, е осомничен за Фалсификување исправа според член 378 од Кривичниот законик, додава Обвинителството.

„Тој подолг временски период свесно и со умисла за време на контролите од УЈП приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а  со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот. Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат, која исто така е опфатена со претходната постапка во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик, поради откривање информации за ненајавени контроли“, соопшти Јавното обвинителство.

И полицијата соопшти дека уапсиле 8 лица, а во полициското соопштение се објавени и иницијалите на уапсените.

Двајцата даночни контролори кои примале поткуп од синот на Дејан Јованов, Михаил Јованов, се Д.П. и Д.Д.

Шестмина пријавени даночни инспектори од дирекциите на УЈП во Штип и во Струмица се Д.Ч., А.Ч., А.К., А.Ч., Н.Т. и А.К., а осомничена пазарна инспекторка е В.К..

УШТЕ 11 ВРАБОТЕНИ ВО УЈП ОПФАТЕНИ СО ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, НАЈМАЛКУ 6 УАПСЕНИ Се товарат за поткуп, фалсификат, злоупотреба на положба…

Поврзани содржини