📽 ЗЕМЈОТРЕС СО ЈАЧИНА ОД 6,1 СТЕПЕН ВО БЛИЗИНА НА ГРЧКИОТ ОСТРОВ КАСОС Нема извештаи за повредени

Епицентарот е регистриран на длабочина од 64,4 километри.

345

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степен според Рихтеровата скала погоди област во морето, 20 километри југозападно од грчкиот остров Касос, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.

Епицентарот е регистриран на длабочина од 64,4 километри, објавува „Катимерини“.






Досега нема извештаи за повредени или големи материјални штети, а сведоци од Крит и околните острови наведуваат дека земјотресот бил почувствуван, но без сериозни последици.

Грчките власти го предупредија населението да се држи подалеку од брегот поради опасност од цунами.
– Земјотрес со јачина од 5,9 степени е регистриран на 48 километри југоисточно од Касос. Опасност од можно цунами во вашето подрачје – веднаш оддалечете се од брегот – се вели во предупредувањето на грчкото Министерство за климатски кризи и цивилна заштита.

Според претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси (ОАСП), професорот по геологија Ефимиос Лекас, длабочината на епицентарот имала одлучувачко влијание врз интензитетот на површината.

– Земјотресите што се случуваат на длабочина од околу 60 километри се обично изолирани настани и не се проследени со поголеми претходни или последователни активности – објасни Лекас.

Лекас истакна дека земјотресот се случил по должината на таканаречениот грчки лак – сеизмички активна зона каде што се судираат африканските и европските тектонски плочи. Тој исто така нагласи дека нема врска помеѓу овој земјотрес и неодамнешната сеизмичка активност во областа Санторини или во Турција, бидејќи станува збор за различни геотектонски услови.

Овој земјотрес е уште една потврда за високата сеизмичка активност во егејскиот регион, кој е меѓу најактивните делови од Европа кога станува збор за земјотреси.

Во однос на превентивната порака од 112 за можно цунами, Лекас објасни дека земјотрес со оваа јачина може да предизвика цунами и никој не може да знае со сигурност.

– Во суштина немаме пробив на дното, пробивот не го достигнува дното, затоа немаме цунами. Сепак, цунами може да се создаде од подводни лизгања на земјиштето, кои можат да се појават во морето и затоа добро е да се испрати сигнал, дури и ако нема доволно голема веројатност да видиме такво цунами. Сепак, во секој случај, мислам дека нема причина за загриженост. Разговарав и со градоначалниците на областите и ми рекоа дека барем со досега достапните податоци, нема штета – рече Лекас.

Германскиот истражувачки центар за геофизика (GFZ) објави дека јачината на земјотресот била 6,3 степени според Рихтеровата скала и дека бил почувствуван и во Египет, Израел, Либан и југозападна Турција.

Египетскиот национален истражувачки институт за астрономија и геофизика соопшти дека земјотресот бил со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала.

 

Поврзани содржини