ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НАПЛАТИЛЕ ШТЕТА ОД 2,6 МИЛИОНИ ЕВРА Посевите најмногу се осигуруваат од град и мараз

Во првите шест месеци годинава над 70 отсто од вредноста на сите исплатени штети во земјоделството и сточарството се поради последници на град и мраз.

132

Земјоделци и сточари наплатиле вкупно 2,63 милиони евра од штети покриени со осигурителни полиси за првите шест месеци оваа година. Во вкупниот износ на исплатени земјоделски и сточарски штети за уништени посеви, плодови и угинат добиток во континуитет доминира исплатата на штети предизвикани од град и мраз, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Штетите предзвикани од град или мраз континуирано имаат најголемо учество во износот на исплатените штети покриени со земјоделско осигурување. За првите шест месеци од овие природни непогоди се исплатени штети, за уништени посеви и плодови, во вкупна вредност од 1,9 милиони евра. Тоа е 72 отсто од сите исплатени штети во земјоделството и сточарството во овој период. Слична е статистиката и за првите полугодија во претходните две години. Во 2020 година за штети од град и мраз земјоделците наплатиле 1,6 милиони евра односно 74 отсто, а во 2019 година 78 отсто од сите исплатени штети во земјоделството.






Вкупниот износ на штети кои земјоделците ги наплатиле од осигурителните друштва, за првите шест месеци годинава, е 2,63 милиони евра. Истиот период лани износот на исплатени штети за земјоделски осигурувања е помал за 22 отсто и  изнесувал 2,15 милиони евра. Во првата половина на 2019 година земјоделците од штети наплатиле 1,27 милиони евра.

Вкупните вложувања на земјоделците и сточарите во осигурување за првото полугодие годинава изнесуваат 6,5 милиони евра. Тоа е за 20 отсто повеќе во споредба со истиот период 2020 година кога вложувањата во осигурување посеви, плодови и добиток биле 5,38 милиони евра. Континуитет во растот на вложувања се бележи и во споредба со 2019 година кога вредноста на земјоделските осугурувања во првата половина од годината изнесувала 3,92 милиони евра.

Поврзани содржини