Земјоделците на нивите и покрај коронавирусот, и нив им отежнуваат разни профитери
Од Министерството за земјоделство, пак, тврдат дека пролетната сеидба нема да бида погодена од коронавирусот бидејќи таа се реализира на отворено и нема да има опасност.
Тешко ќе се реализира пролетната сеидба, посебно периодот на пресадување каде што се потребни поголем број на луѓе, ако состојбата со корона вирусот стане посложена, велат од земјоделските здруженија. Тие се жалат дека и во овој сектор се јавуваат трговци профитери кои сакаат да ја искористат состојбата и ги продаваат ѓубривата и другите препарати поскапо од вообичаено. Засега не стравуваат дека пласманот на раноградинарските култури ќе биде доведен во прашање, оти производството се одвива под определени контролирани услови.
Од Министерството за земјоделство, пак, тврдат дека пролетната сеидба нема да бида погодена од коронавирусот бидејќи таа се реализира на отворено и нема да има опасност. Оттаму велат дека не се очекува недостиг на репороматеријали за пролетната сеидба.
Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци вели дека општините и владата треба да им помогнат на постарите земјодлеци со механизација за да можат да ја завршат пролетната сеидба која почнува на почетокот на наредниот месец.
– Во Пелагонија повеќето општини имаат стари земјодлеци, зашто младите ги напуштија огништата. Тие не можат да управуваат со механизација и затоа општините треба да изнајдат начин да им помогнат околу сеидбата, бидејќи можно е да останат без егзистенција – вели Тантаров.
Тој додава дека, ако потрае кризата со коронавирусот дека тешко ќе се реализира пресадувањето на тутунот.
– За пресадување нема доволно машини, па мора рачно да се заврши постапката. За тоа се потребни поголем број аргати, кои или ќе ги немаме поради тоа што ќе се плашат да не се заразат едни со други или ќе бараат повисока надокнада. Во такви услови тешко ќе го организираме овој процес – појаснува Тантаров.
Според него, владата треба да размисли за „зелена нафта“ и за пролетната сеидба и да ги зголеми инспекциите на терен за да види какви се цените на ѓубривата, семенскиот материјал и другите препарати.
– Членството се жали дека веќе пораснала цената на ѓубривата и на препаратите. Тоа говори дека некој сака да профитира, затоа инспекторите треба да дојдат на терен и да ја видат состојбата – вели тој.
Градинарите, пак, стравуваат дека заблудите околу коронавирусот можат да влијаат и на пласманот на првите градинарски култури од пластеници.
– За 10 до 15 дена стартуваат првите количини на зелка произведени под пластеници. Не очекувам проблеми во пласманот, но ќе видиме како ќе оди кога првите количини ќе се најдат на зелените пазари. Засега не можеме да кажеме како ќе тече и откупот на другите производи кои моментално се расадуваат – доматите и пиперот, како и краставиците. Најавен беше извоз, па ќе видиме што ќе се случува – вели Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделци.
И тој вели дека на нивите останаа само стари земјоделци кои во овој период го користат секој момент да ги завршат редовните работи, бидејќи е во тек расадувањето на доматите и на пиперот.
– И покрај состојбата земјоделците се на нивите, ако не ги завршат работите навреме, нема да имаат никаков приход. Тешко ќе преживеат. Моментално се пресадуваат пиперот и доматите, а за ден-два ќе почне бербата на зелката. Тоа треба да се изработи – додава Велков.
Од Министерството за земјодлество тврдат дека нема никаква опасност за пролетната сеидба.
– Пролетната сеидба нема да бида погодена од корона вирусот бидејќи таа се реализира на отворено и нема да има опасност – велат од Министерството.
Отаму и со уверување дека нема да има недостиг на репороматеријали за пролетната сеидба.
Според податоците на Министерството за земјоделство, поледелски култури во 2020 година се очекува да се произведат на околу 160.000 хектари. Најзастапена е пченицата со околу 74.000 хектари, потоа јачмен со околку 45.000 хектари, остатокот е со рж, овес и пченка. Но нема информација колкави површини ќе бидат зафатени со пролетната сеидба која треба да почне наредниот месец.