ЗЕЛЕНАТА НАФТА Е ИСКОРИСТЕНА ЗА ЕСЕНСКАТА СЕИДБА, СЕГА Е ВО ТЕК ПРОЛЕТНАТА ПРИХРАНА Тимови од Министерството на средби со земјоделците
Согласно последните податоци над 80% од оваа зелена нафта која што е поделена е искористена, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Нафтата е еден од главните двигатели на земјоделското производство и минатата година согласно годишната програма набавивме една сериозна сума на картички за зелена нафта, која за разлика од 2024 година беше зголемена за 100%, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
– За оваа намена се склучи договор над 500 милиони денари со една од компаниите која што снабдува нафтен дериват и картичките се поделени на македонските змејоделци. Согласно последните податоци кои што ги имаме од Платежната агенција е дека над 80% од оваа зелена нафта која што е поделена е искористена – рече Трипуновски во гостување на Алсат.
Министерот додаде дека најголем дел или над 80% од нафтата е набавена по претходната пониска цена, затоа што најголемиот дел од земјоделските активности се во текот на есенскиот период.
Во моментов, додаде тој, земјоделските активности се насочени кон пролетната прихрана и заштита на посевите од штетници.
Трипуновски најави дека од утре почнува кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“.
– Директната комуникација со земјоделците е од големо значење. Ресорот земјоделство неминовно мора да има постојана и директна комуникација со земјоделците. Тоа значи разговор за актуелните состојби и за реалните предизвици со кои тие се соочуваат – истакна министерот.
Министерството не може да се затвори во канцеларии и само да креира политики, додаде тој.
– Напротив, преку непосреден дијалог ќе дадеме отчет за сработеното, ќе ги појасниме актуелните мерки, како што е Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, но и ќе ги сослушаме земјоделците – рече министерот.
Во рамки на кампањата се формирани два големи тима кои ќе посетат над 30 општини, како и 6 помали тимови кои ќе опфатат повеќе од 120 населени места. Еден од тие тимови ќе го предводи и самиот министер.
Кампањата почнува утре со првата трибина во општина Босилово, со почеток во 18 часот, во Домот на културата.