ЗЕМЈИТЕ ДА ДОНЕСАТ ТЕШКИ ОДЛУКИ Тедрос повика на обединување со цел ставање крај на пандемијата
Откако за првпат беше регистриран во Јужна Африка во ноември, омикрон е идентификуван во десетици земји, што ги урна надежите дека најлошото од пандемијата е зад нас.
Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус денеска го повика светот да се обедини и да донесе тешки одлуки потребни за да се стави крај на пандемијата на ковид-19 следната година.
– 2022 мора да биде година кога ќе ставиме крај на пандемијата – изјави генералниот директор на СЗО.
Како што се приближуваат прославите на крајот на годината, Гебрејесус призна дека „сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормала“.
– Но, за да се вратиме во нормала, треба да се заштитиме сега бидејќи случаите на омикрон, кој многу брзо се шири, се зголемуваат – истакна тој.
Откако за првпат беше регистриран во Јужна Африка во ноември, омикрон е идентификуван во десетици земји, што ги урна надежите дека најлошото од пандемијата е зад нас.
И покрај показателите дека не е потешка од варијантата делта – која сѐ уше е доминантна – омикрон според раните податоци покажа дека е позаразен и загрижувачки отпорен на вакцини.
Со оглед на тоа што бројот на новозаразени многу брзо се зголемува, Тедрос истакна дека е подобро да се откажат настаните „сега и да се слави подоцна отколку да се слави сега и да се тагува подоцна“.
– Сега треба да се фокусираме на ставање крај на оваа пандемија – нагласи шефот на СЗО.
Тедрос инсистира дека е можно да се запре пандемијата, но рече дека ќе треба да се искористат сите алатки кои се на располагање, почнувајќи од вакцини до носење маски и физичко растојание.
И можеби најважно, светот треба да стави крај на очигледната нееднаквост во пристапот до вакцини.
– Ако сакаме да ставиме крај на пандемијата во наредната година, мора да ставиме крај на нееднаквоста – нагласи тој.