ЗЕЛС ВЕЌЕ ИМА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе ја менува разрешената Арсовска
Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор. Всушност и според Статутот на ЗЕЛС, градоначалникот на Град Скопје по функција е член на Управниот одбор на ЗЕЛС, информираат од ЗЕЛС.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски е новиот претседател на ЗЕЛС, кој на оваа функција ја менува разрешената градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, за што гласало мнозинството членови на Управниот одбор на ЗЕЛС на денешната седница
– Потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, остануваат на истата позиција, а досегашната претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор. Всушност и според Статутот на ЗЕЛС, градоначалникот на Град Скопје по функција е член на Управниот одбор на ЗЕЛС – информираат од ЗЕЛС.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со големо мнозинство беше избран да го раководи ова тело во наредните три години.
– Денес, мнозинството на членови на Управниот одбор на ЗЕЛС, го даде својот глас и донесе одлука да ме избере за нов претседател на ЗЕЛС, заедницата што ги обединува сите 81 општина во Македонија. Пред се’, сакам да им се заблагодарам на членовите на УО на ЗЕЛС за укажаната доверба и за тоа што во мене препознаа човек кој ќе се залага за поголема стабилност на општините и нивна поголема независност во финансиска смисла. Оттука сакам да потенцирам дека во периодот што е пред нас, силно ќе се залагам за носење на квалитетни одлуки, за поголема децентрализација во духот на демократските процеси, за подеднаков развој на сите единици на локалната самоуправа без разлика на политичката припадност на нивните раководства, од што, секако, најголем бенефит ќе имаат нашите граѓани. Воедно, сакам да се заблагодарам за досегашниот ангжманот на сега веќе поранешниот Претседател на ЗЕЛС, градоначалничката Данела Арсовска – изјави новиот Претседател на ЗЕЛС, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Од ЗЕЛС додаваат дека на оваа седница, Управниот одбор донесе заклучок за упатување на итно барање до Владата на РСМ за одржување на заедничка средба на која главна тема на разговорот ќе биде изнаоѓање на соодветни решенија за предизвиците со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, поврзани со енергетска криза.
– Беше нагласено дека општините се доведени во колапс од високите сметки за електрична енергија и дека ваквата состојба најголемиот број на општини не би можеле да ја издржат ниту уште еден месец. На 14 седница, Управниот одбор дискутираше и за предлог Меморандумот за соработка со Владата на РСМ, кој веќе една година беше на разгледување од централната власт – стои во соопштението до ЗЕЛС.
На ова реагираше скопската градоначалничка Данела Арсовска велејќи дека градоначалниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ денеска гласаа за нејзино разрешување.
– Уште еднаш на дело се покажа коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ при денешното гласање во Заедница на единиците на локална самоуправа на Република Македонија. На СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ очигледно им пречат луѓе кои знаат да кажат „не“ на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите. Истите луѓе кои се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја преземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје – се вели во соопштението на Град Скопје.