ЗЕЛЕНСКИ СПРЕМЕН ДА СЕ СРЕТНЕ СО ПУТИН ВО ТУРЦИЈА На средбата би присуствувале и Трамп и Ердоган
Украинскиот претседател изрази надеж дека САД нема да ја прекинат испораката на оружје за Украина, и покрај таквата најава од потпретседателот Џеј Ди Венс.
Украина е подготвена за средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин во Турција, изјави денеска во Анталија украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Подготвени сме за средба на лидерите во Турција, на која би се собрале претседателите на Украина и на Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин, во присуство на претседателите на Турција и на САД, Реџеп Таип Ердоган и Доналд Трамп“, објави Сибиха на социјалната мрежа Телеграм.
Тој истакна дека веќе им ја пренел оваа намера на турските партнери.
– Турција игра важна улога во мировните напори – рече Сибиха на Дипломатскиот форум во Анталија.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски изрази надеж дека САД нема да ја прекинат испораката на оружје за Украина, и покрај таквата најава од потпретседателот Џеј Ди Венс.
– Се надевам дека САД нема да престанат да нè снабдуваат со критични системи. Ова е фундаментално за нас – рече Зеленски на заедничката прес-конференција со холандскиот премиер Роб Јетен вчера во холандскиот град Миделбург.
Зеленски рече дека купувањето оружје во рамките на оваа програма се финансира од европски извори, особено од Холандија, а не од САД.
– Се надевам дека програмата нема да биде прекината. Таа е важна и за Украина и за САД. Станува збор и за одржување на врските со Европа и покажување единство – рече Зеленски, додавајќи дека растечките тензии на Блискиот Исток би можеле да го загрозат продолжувањето на програмата.
Неговата изјава доаѓа откако потпретседателот Венс изјави дека е „горд“ на драстичното намалување на испораките на американско оружје за Украина.