ЗЕЛЕНСКИ СЕ ПЛАШИ ДЕКА САД ЌЕ ИЗГУБАТ ИНТЕРЕС ЗА ПРЕГОВОРИТЕ Средбата со Виткоф откажана без објаснување
Да, се плашам. Ако некој од нашите сојузници се замори... Целта на Русија е да го повлече американскиот интерес од оваа ситуација, изјави лидерот на Украина откако претходно рече дека засега Америка покажува дека не се повлекува од дипломатските напори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се плаши од можноста Соединетите Американски Држави да го изгубат интересот за организирање мировен договор меѓу Украина и Русија, јави Скај њуз.
– Да, се плашам. Ако некој од нашите сојузници се замори… Целта на Русија е да го повлече американскиот интерес од оваа ситуација – изјави Зеленски откако претходно рече дека засега Америка покажува дека не се повлекува од дипломатските напори и дека тоа е видливо од брзината на преговорите.
Лидерот на Украина зборуваше на заедничка прес-конференција со ирскиот премиер во Даблин. Во меѓувреме, одекна веста дека авионот на специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, се вратил во САД без слетување во Европа.
Средбата со Зеленски, која требаше да се одржи во Брисел, е откажана без објаснување.
Според новинарот Рафоглу од „Еуроњуз“, „Зеленски се враќа дома“, а засега нема официјални информации за причините за откажувањето. Податоците од платформата Flightradar24 покажуваат дека приватниот авион „Bombardier Global 7500“ на Виткоф го напуштил исландскиот воздушен простор и се упатил преку Атлантикот кон Северна Америка.
Од друга страна, француски медиуми претходно пишуваа дека разговорите меѓу Виткоф и украинските претставници, по неговата посета на Москва, би можеле да се одржат на 3 декември во Брисел. Но, средбата не се реализира.
Виткоф со својот преговарачки тим претходно во Москва оствари петчасовна средба со рускиот претседател и руските преговарачи. Еден преговарач од руската страна напишал дека состанокот бил продуктивен.