ЗЕЛЕНСКИ ИНСИСТИРА ДА СЕДНЕ СО ПУТИН НА ПРЕГОВОРИТЕ ВО ТУРЦИЈА Тој се плаши од директни преговори со мене, вели претседателот на Украина

Директните преговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин треба да се одржат во четврток во Истанбул, со посредство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со потенцијално учество на американскиот претседател Доналд Трамп.

209

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека ќе направи сè, со цел неделава да се одржи најавената средба со рускиот претседател Владимир Путин во Турција, со посредство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

– Доколку Путин не е подготвен да дојде во Анкара, Ердоган и јас сме подготвени да одлетаме за Истанбул. Ќе направиме сè, за да се случи таа средба. Никој освен мене не може да преговара со Путин. Тоа се мои должности – рече Зеленски во изјава на мрежата Икс.






Ако нема средба со Путин, нема да има ни резултати, сè веќе отиде предалеку, додаде тој.

– Путин се плаши од директни преговори со мене. Доколку Путин не дојде и продолжи да ги игра неговите игри, тоа е последен доказ дека не сака да ја запре војната – рече претседателот на Украина.

Зеленски додаде дека, доколку преговорите не успеат, очекува „строги санкции“ од САД и од Европската Унија, бидејќи тоа би покажало дека Русија не е подготвена за дипломатија.

Директните преговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин треба да се одржат во четврток во Истанбул, со потенцијално учество на американскиот претседател Доналд Трамп.

Најавената средба претставува најнов обид на меѓународната заедница да посредува за завршување на војната што трае повеќе од три години.

Зеленски го потврди своето пристигнување во Турција и го покани Путин да се придружи, нагласувајќи дека е подготвен да направи сè, за да се одржи состанокот.

Путин предложи преговори без предуслови, но сè уште не го потврди своето учество на состанокот. Кремљ ги отфрли барањата на Западот за 30-дневен прекин на огнот како „ултиматум“.

На директно прашање кој ќе ја претставува Русија на преговорите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека ќе го објави тоа штом рускиот претседател ќе смета за соодветно.

Висок американски функционер, пак, изјави дека Вашингтон не очекува дека руската страна ќе го соопшти својот конечен став до четврток наутро.

Засега е нејасно и дали американскиот претседател Трамп, кој моментално е на турнеја по Блискиот Исток и изрази подготвеност да учествува во евентуалните разговори во Истанбул, навистина ќе им се приклучи. Трамп најави дека ќе им се приклучи доколку оцени дека тоа би можело да биде корисно.

Зеленски го поздрави неговото евентуално присуство, велејќи дека тоа би можело да помогне во постигнување на мирот во Украина.

Засега е потврдено дека главните претставници на американскиот претседател  – Стив Виткоф и Кит Келог, во четврток ќе бидат во Истанбул на потенцијалните разговори за тоа како да се стави крај на војната во Украина.

Поврзани содржини