ЗЕЛЕНСКИ РАЗМИСЛУВА ЗА ПРЕКИН НА ОДНОСИТЕ СО РУСИЈА Украина смета дека Путин го покажал вистинското лице

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека побарал веднаш да се запре проектот „Северен поток 2“.

1,326

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека како опција се разгледува прекинување на односите со Русија. Тој нагласи и дека побарал веднаш да се запре проектот „Северен поток 2“.

– Добив барање од Министерството за надворешни работи да се разгледа прашањето за прекин на односите меѓу Украина и Руската Федерација – рече Зеленски, додавајќи дека сега „ќе го испита и ќе работи на ова прашање“.






Зеленски додаде дека Русија мора да биде казнета поради нејзиното признавање на двата региона на Украина под контрола на сепаратистите со „итни санкции“ кои вклучуваат „целосно запирање на Северен поток 2“.

Kремљ, пак, соопшти дека останува отворен за сите дипломатски контакти околу Украина и дека прекинот на односите на Киев со Москва ќе ја влоши и онака напнатата ситуација.

– Руската страна останува отворена на сите нивоа за дипломатски контакти… Се зависи од нашите противници – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека потегот на Киев да ги прекине официјалните врски со Москва ќе биде „исклучително непожелно сценарио кое уште повеќе би ги отежнало работите“.

Министерот за одбрана на Украина, Алексеј Резников, ги предупреди денеска украинските војници за „проблеми“ и човечки жртви, откако Москва ги призна двата сепаристички региона, а потоа наложи да бидат испратени руски трупи во поддршка на нивните барања за независност.

– Ќе има проблеми. Ќе има загуби. Ќе треба да ја издржиме болката, да ги победиме стравот и очајот – изјави Резников во обраќањето до украинската армија, објавено на веб страницата на Министерството, во кое ги повикува војниците да бидат подготвени за војна.

Но, тој вети и „сигурна победа“ пред руската закана.

– Кремљ направи уште еден чекор кон заживување на Советскиот Сојуз – истакна украинскиот министер.

Мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин, Резников нагласи дека „вчера го покажал своето вистинско лице“.

– Лице на криминалец кој сака да го држи во заложништво целиот слободен свет -, додаде Резников.

Поврзани содржини