ЗЕЛЕНСКИ ПРЕДВРЕМЕ СЕ ВРАТИ ВО КИЕВ ПОРАДИ МОЖЕН НАПАД? 50.000 руски војници чекаат команда пред портите на Суми
Зеленски претходно изјави дека Русија распоредува 50.000 војници во близина на североисточниот украински Сумски регион, обидувајќи се да создаде тампон зона од 10 километри во таа област.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата, 28 мај, ненадејно ја прекина посетата на Германија за да се врати во Украина поради заканата од руски напад врз регионот Суми, напиша германски „Шпигел“. Зеленски имал во план од Берлин преку Дизелдорф да продолжи во Ахен за да присуствува на церемонија на доделувањето на наградата „Карло Велики“ која оваа година ја доби првата жена на ЕУ, Урсула Фон дер Лаејн.
Зеленски претходно изјави дека Русија распоредува 50.000 војници во близина на североисточниот украински Сумски регион, обидувајќи се да создаде тампон зона од 10 километри во таа област.
Според украински извори, Русија планирала да започне офанзива врз Сумската област уште во 2024 година, но планот бил нарушен од украинската инвазија на Курската област. Москва постојано алудираше на планови за создавање тампон-зона меѓу Украина и Русија во таа област.
Андриј Демченко, портпарол на Државната гранична служба на Украина изјави дека Русија концентрирала доволен број сили во Курската област за потенцијално да започне напад врз украинскиот Сумски регион. Неговата изјава доаѓа во време на предупредувања за руска офанзива ова лето во регионите Суми и Харков.
Зборувајќи на националната телевизија, Демченко рече дека Русија почнала да собира сили кога се обидела да ги потисне украинските трупи од Курската област, каде што Украина започна операција во август 2024 година.
– Русија продолжува да одржува сили во Курската област, а Украина периодично открива „одредена промена во бројот на војници и опрема во областа – рече портпаролот.
Русија станува сè поактивна во Сумската област откако во голема мера ги потисна украинските сили од Курската област. Украинските власти неодамна потврдија дека руските сили зазеле четири села во Сумискиот регион во близина на границата: Новенка, Журавка, Веселивка и Басивка.
Истовремено, Москва понуди втора рунда руско-украински преговори на 2 јуни во Истанбул каде што Русија би го претставила својот нацрт услови за крај на војната.
Во меѓувреме, Германија вети воена соработка со Украина, а во воздухот остана прашањето за ракетите со долг дострел „Таурус“ за кои Зеленски во интервју за германски Ер-Те-Ел рече дека зборuвал со германскиот канцелар, но дека нема да се објават детали во јавноста.
Германија и Украина потпишаа декларација за финансирање на производство на оружје со долг дострел во Украина, пакет вреден 5 милијарди евра. Според германското министерство за одбрана планот „ќе овозможи производство на значителен број оружје со долг дострел оваа година“.