ЗЕЛЕНСКИ „ПИТАЧИ“ ЗА ОРУЖЈЕ ПО ЕВРОПА, А ЗАГОВАРАЛ НАПАДИ ВО РУСИЈА? Протечени документи откриваат кои опции биле во игра во јануари годинава

Како одговори Зеленски на наводите дека сакал да нападне делови од Русија? Во интервјуто за Вашингтон Пост тој ги офрли како „фантазии“ тврдењата на американските разузнавачи, но го бранеше своето право да користи неконвенционални тактики во одбраната на својата земја.

2,330

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јануари зад затворени врати заговарал неговата земја да нападне села на руска територија за да ја принуди Москва да седне на преговарачкото столче, покажуваат протечени разузнавачки информации на мрежата Дискорд, објави Вашингтон Пост. Зеленски исто така заговарал бомбардирање на нафтоводот „Дружба“ со кој Русија преку Украина пумпа нафта во Европа.

На друг состанок пак, со највисокиот украински генерал Валериј Залужни, кон крајот на февруари, Зеленски „изрази загриженост“ дека „Украина нема ракети со долг дострел способни да стигнат до распоредувањата на руските трупи во Русија ниту нешто со кое може да ги нападне“.






Зеленски потоа „предложи Украина да нападне неодредени локации за распоредување во Ростов“, регион во западна Русија, користејќи беспилотни летала наместо тоа, според друг доверлив документ.

Ако го урнеме нафтоводот паѓа и индустријата на Орбан

„Зеленски истакна дека… Украина треба само да го крене во воздух гасоводот и веројатно да ја уништи  индустријата на унгарскиот (премиерот) Виктор Орбан, која во голема мера се заснова на руската нафта“, се вели во документот.

Во деталите на разговорот, разузнавачките службеници признаваат дека Зеленски „изразувал бес кон Унгарија и затоа може да упатува хиперболични, бесмислени закани“.

Мини-турнеја со „минимална“ воена помош

Текстот на Вашингтон Пост доаѓа во очи на „мини-турнејата“ на Зеленски низ Париз, Рим, Берлин и Лондон, за да обезбеди поддршка за добивање на ракетите со долг дострел, оној од 250 километри кој Украина толку долго време го бараше од сојузниците.

Велика Британија е единствената земја која обзнани дека доставила ракети од овој тип на Украина, додека Белата куќа остана на ставот дека нема да ги смени ракетите ХИМАРС со дострел од само 80 километри со посакуваните АТАКМС.

Плусинфо веќе пишуваше дека најблиската точка меѓу Москва и украинската граница е на 860 километри.

При денешната неочекувана посета на Зеленски на Велика Британија, се шпекулира дека владата на Риши Сунак ќе ѝ вети на Украина стотици нападни беспилотни летала со оперативен дострел од над 200 километри.

Што стана со телефонот на Зеленски пред средбата со Шолц?

Ден претходно, во Берлин Зеленски по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека „ние не напаѓаме руска територија“ и дека „подготвуваме контранапад за да ги деокупираме нелегитимно освоените територии“, јави Би-Би-Си.

Шолц на својот пријател му вети оружје вредно 2,7 милијарди евра и поддршка „сѐ додека му е потребна“.  Ова вклучува тенкови „Леопард“ и противвоздушни системи.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски накратко го оставил својот мобилен телефон во автомобил во Берлин во неделата, пред полицаец повторно да му го врачи, објави германскиот таблоид Билд. Неодамна обелоденетите документи сугерираат дека украинскиот лидер веќе бил прислушуван од неговите комуникации.

Нејасно е дали неговиот телефон бил манипулиран додека тој бил оставен во колата. Во април годинава Си-Ен-Ен објави извештај во кој се вели дека американските разузнавачи го прислушувале Зеленски.

Нема авиони за Киев од Париз и од Берлин

 Истовремено, Франција вети уште десетици лесни тенкови и оклопни возила откако претседателот Емануел Макрон се сретна со својот украински колега во Париз. Минитурнејата на Зеленски треба и да ги нагласи дипломатските напори на Украина во исто време кога Кина праќа своја армија преговарачи низ повеќе западни земји за да го протежираат кинескиот мировен план со 12 точки за крај на војната.

Но, авиони за Украина од Франција и Германија нема да има. И Олаф Шолц и Емануел Макрон реагирале воздржано на оваа идеја, пишува германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во денешниот број.

Според Париз прашањето за борбените авиони е прерано бидејќи е поврзано со обуката на украинските пилоти. Шолц, од своја страна, навел дека Германија испратила многу голема воена помош за Киев и дека нејзиниот фокус е на поддршка на украинската одбрана.

Киев и Берлин исто така остануваат поделени по прашањето за членството на Украина во НАТО. Шолц, меѓу другото, ја одбил идејата на Зеленски Германија да преземе водечка улога во идните преговори меѓу Русија и Украина за крај на војната.

Истите документи покажуваат како Пригожин се пазарел со Украинците?

Зеленски мораше да вети дека нема да напаѓа територии внатре во Украина за да добие дел од новата воена поддршка од Западот. Но, документите кои протекоа на мрежата Дискорд покажуваат дека тоа не било секогаш така.

Автентичноста на документите, според Вашингтон Пост не била оспорена од Пентагон. Опишани се разговори на Зеленски со високи воени соработници во сојузничките земји. Тоа се дел од досиејата кои на форумот на Дискорд исто така открија дека лидерот на платеничката група Вагнер сакал да се испазари со украинските сили за да може да се повлече од клучниот град Бахмут.

Вашингтон Пост дури и ги избриша деловите од интервју со Зеленски во кои тој одговара на прашања во врска со контактите на Пригожин со украинските служби ГРУ каде тој им нудел да им ги открие позициите на руската војска во замена за повлекување. Припадници на ГРУ потврдија дека постоеле вакви понуди од Пригожин, но дека Киев ги одбил бидејќи не му верува на „готвачот на Путин“.

Кој ги објави десетиците документи на еден гејмерски форум како Дискорд? Младиот 20-годишен Џек Тешеира, за чие апсење помогна Њујорк Тајмс. Познатиот новинар и истражувач Сејмур Херш го критикуваше весникот Тајмс дека помогнал во апсењето со тоа што се обратил кон ФБИ.

Имаме право да користиме несекојдневни трикови

Како одговори Зеленски на наводите дека сакал да нападне делови од Русија? Во интервјуто за Вашингтон Пост тој ги офрли како „фантазии“ тврдењата на американските разузнавачи, но го бранеше своето право да користи неконвенционални тактики во одбраната на својата земја.

– Украина има целосно право да се заштити, а ние тоа го правиме. Украина не окупираше никого, туку обратно. Кога толку многу луѓе загинаа и имаше масовни гробници и нашите луѓе беа измачувани, сигурен сум дека треба да користиме какви било трикови.

Од Белата куќа не изјавија директно дека причината зошто не ги доставуваат ракетите АТАКМС со долг дострел е стравот дека Украина може да ја нападне Русија отаде границата. Наместо тоа, генералот Мајк Мили, претседател на Здружениот генералштаб во март рече дека една од причините е што САД имаат „релативно малку АТАКМС“.

Зеленски, сепак, рече дека верува оти Соединетите држави не го испраќаат оружјето затоа што немаат доверба во Киев.

– Мислам дека се плашат да не ги користиме на територијата на Русија. Но, јас секогаш би им рекол на нашите партнери… „Имаме приоритетна цел за која ги трошиме пакетите муниција што ги добиваме и ја трошиме на деокупација на чисто украински територии – смета украинскиот претседател.

Наместо АТАКМС, САД ветија дека ќе достават три парчиња од противвоздушниот ситем „Патриот“ со среден дострел за Украина, систем за чие користење украинските сили моментално бидуваат обучувани.

Во исчекување на големата пролетна контраофанзива на Украина, Зеленски неодамна во интервју за Би-Би-Си рече дека на Киев му е потребно повеќе време и оружје.

„Стопирајте го планот за Сирија“

Еден документ пак, го опишува планот развиен од страна на украинската воена разузнавачка агенција минатата година за извршување тајни напади врз руските сили во Сирија користејќи тајна курдска помош.

Деталниот заговор би отворил ново бојно поле на илјадници километри од Украина, но во декември Зеленски им наложил на своите помошници „да престанат со планирањето на операциите против руските сили во Сирија“, се вели во документот, без објаснување зошто планот бил прекинат.

Зеленски, во неодамнешното интервју, рече дека го задржува правото да истражува низа воени опции.

– Имам многу генерали со кои работам. И ова се мои лични разговори. Војната е за окупација на Украина. Украина мора да победи.

ПРИГОЖИН ШУРУВАЛ СО УКРАИНЦИТЕ? Шефот на Вагнер бил двоен крт, а сакал да се повлече од Бахмут

 

Поврзани содржини