ЗЕЛЕНСКИ НЕ Е ЛЕГИТИМЕН, НО РУСИЈА СЕПАК САКА ДИРЕКТНИ ПРЕГОВОРИ СО УКРАИНА Кремљ посочи дека прекинот на огнот е првиот чекор кон дијалог
Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, изјави дека Москва е подготвена за директни мировни преговори со Украина без предуслови, и покрај, како што рече, прашањето за легитимноста на украинското раководство. Тој изрази надеж дека Киев ќе го следи примерот за предложениот прекин на огнот.
Постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензја, изјави дека Русија, „и покрај проблемот со легитимитетот“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски, е подготвена за директни преговори со Украина.
Тој додаде дека привремен прекин на огнот од 8 до 10 мај може да биде првиот чекор кон воспоставување дијалог меѓу двете земји.
– Се надеваме дека украинската страна ќе го следи нашиот пример. Таков потег може да биде вовед во директни мировни преговори меѓу Русија и Украина, без никакви предуслови, за што сме подготвени, и покрај прашањето за легитимноста на шефот на режимот во Киев – изјави Небензја.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, претходно изјави дека е време за конкретни предлози од Русија и од Украина за прекин на војната и дека доколку нема напредок во оваа насока, САД ќе се повлечат како посредник, јавија американските медиуми, повикувајќи се на изјава на портпаролката на американскиот Стејт департмент, Тами Брус.
– Дојде време двете страни да презентираат конкретни предлози за тоа како да се стави крај на овој конфликт. Како ќе продолжиме оттука е одлука што сега му припаѓа на претседателот (на САД, Доналд Трамп). Доколку нема напредок, ние ќе се повлечеме како посредник во овој процес – рече Брус, цитирајќи ја изјавата на Рубио.
Путин во вторникот прогласи еднострано тридневно примирје од 8 до 10 мај, што ќе се совпадне со годишната Парада на победата на Црвениот плоштад во Москва, по повод крајот на Втората светска војна, што се одржува во Русија на 9 мај. Киев побара наместо тродневно да биде триесетдневно примирје.
Но, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера го отфрли предлогот на Киев.
– Москва ја виде понудата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, но прво треба да се разјаснат голем број прашања. Без одговори на тие прашања, тешко е да се склучи долгорочно примирје – рече Песков, додавајќи дека тоа е ставот на Путин.
📽️ РУСКИ ДРОНОВИ КОСЕА ВО ХАРКОВ И ДЊИПРО Еден загинат и десетици повредени по беспилотните напади