ЗЕЛЕНСКИ, НА ИЗНЕНАДУВАЊЕ ВО КИЕВ, СЕ СОГЛАСИ ДА РАЗГОВАРА ЗА ОТСТАПКИ КОН РУСИЈА Не го отфрли американскиот план, но уште очекува праведен крај на војната
Кабинетот на Зеленски соопштени дека украинскиот претседател пред американскиот претставник „ги наведе основните принципи што се важни за нашиот народ, а по денешниот состанок, страните се согласија да работат на одредбите од планот на начин што ќе доведе до праведен крај на војната“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му рече на секретарот на американската армија, Ден Дрискол дека е подготвен да соработува со администрацијата на Трамп на нов мировен план, потврдија американски и украински претставници, пишува американскиот медиум Аксиос.
Овој потег доаѓа и покрај тоа што планот бара огромни отстапки од Украина, вклучително и предавање на територија на Русија. Наместо целосно да го отфрли овој предлог, Зеленски, изненадувачки, се согласи на преговори. Неговиот кабинет соопшти дека очекуваат разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на оваа тема во наредните денови.
Секретарот на американската копнена армија, Ден Дрискол, денеска во Киев му предаде на Зеленски копија од американскиот план за крај на војната во Украина, во чие составување, според медиумските извептаи, учествувал и претставник на рускиот претседател Владимир Путин. Кабинетот на Зеленски во соопштението вели дека украинскиот претседател „ги наведе основните принципи што се важни за нашиот народ, а по денешниот состанок, страните се согласија да работат на одредбите од планот на начин што ќе доведе до праведен крај на војната“.
„Украина се стреми кон мир уште од првите секунди од руската инвазија и ние ги поддржуваме сите значајни предлози што можат да го доближат вистинскиот мир. Украина ги поддржува предлозите на претседателот Трамп од почетокот на оваа година за запирање на крвопролевањето. Подготвени сме конструктивно да соработуваме со американската страна и нашите партнери во Европа и низ целиот свет, така што резултатот ќе биде мир. Во наредните денови, претседателот на Украина очекува да разговара со претседателот Трамп за достапните дипломатски опции и главните точки што се неопходни за мир“, се додава во соопштението.
Американски функционер додаде дека Зеленски и Дрискол „се согласиле за агресивен временски рок за потпишување“.
Американската елегацијата на чело со Дрискол првично во Украина требаше да разговара за воената технологија и стратегија, но Белата куќа го замоли да помогне во „почнувањето преговори“ со Зеленски во име на американскиот претставник Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио, откри друг американски функционер.
Планот, изготвен од Виткоф и други американски функционери во дослух со Русите, испрати шок бранови низ Киев и низ европските престолнини. Планираната средба меѓу Зеленски и Виткоф пропадна претходно оваа недела, откако американската страна процени дека Зеленски не покажал подготвеност сериозно да се ангажира.
Сепак, украински функционер вели дека Зеленски бил многу повеќе помирен за време на средбата со воениот секретар Дрискол.
– Одлуката е да се обидеме да работиме на ова заедно за да го овозможиме мирот – вели украинскиот функционер.
Администрацијата на Трамп ги помина средата и четвртокот обидувајќи се да ги увери Украина и нејзините европски сојузници дека планот е „жив документ“ и дека нивните ставови ќе бидат земени предвид, потврди американскиот функционер.
Во телефонски разговор утрово, Виткоф го увери германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул дека новиот план е само „рамка на идеи“ што ги вклучува и украинските и руските ставови, вели американскиот функционер.
– Виткоф нагласи дека администрацијата на Трамп работи одговорното и бара начини да се стави крај на конфликтот во Украина – додаде тој.
Според истиот функционер, Виткоф му рекол на Вадефул: „Ако на луѓето не им се допаѓаат одредени делови од планот, треба да нè известат и ние ќе се обидеме да најдеме компромис“.
Европејците не беа консултирани за време на изготвувањето на планот, а Украинците беа вклучени дури по обемни разговори меѓу американските и руските претставници. Планот содржи елементи кои се сметаат за многу про-московски, како што е ограничување на големината и можностите на украинската војска по војната, рече украинскиот функционер.
Украина во минатото постојано ги отфрлаше ваквите предлози.
Киев верува дека единствената причина зошто Русија би барала од Украина да ги ограничи своите воени капацитети е Москва да се подготви за идна инвазија.
Американскиот притисок доаѓа во време кога Зеленски се соочува со најсилниот домашен политички притисок од почетокот на руската инвазија. Растечкиот корупциски скандал, во кој се вклучени некои од неговите блиски соработници, ја натера опозицијата да го повика да го исчисти нередот или дури и да формира нова влада на национално единство.
Се очекува Зеленски вечерва да се сретне со членови на својата партија во парламентот, само неколку часа по средбата со Дрискол.
Американски функционер изјави за Аксиос дека домашниот притисок би можел да го направи Зеленски поподготвен да направи тешки отстапки за мир. Од друга страна, некои аналитичари веруваат во спротивното – дека со неизвесноста на неговата политичка иднина, тој не може да си дозволи да се смета дека ѝ се предава на Москва.
Интересно е што Дрискол дури и не знаел дека ќе ја преземе улогата на мировен претставник до минатата недела.
– Цел викенд добиваше политички брифинзи, информации за позадината, воената историја, секакви информации, а потоа брзо си замина оттука – додаде функционерот за Аксиос.