ЗЕЛЕНСКИ МУ ПОНУДИ ДРОНОВИ ЗА „ТОМАХАВКИ“ НА ТРАМП Шефот на САД изјави дека тоа може да ја ескалира војната

Се надеваме дека нема да им треба. Се надеваме дека ќе можеме да ја завршиме војната без да размислуваме за „Томахавк“, изјави шефот на САД на понудата на украинскиот лидер, покажувајќи двоумење во врска со испораката на ракетите. Пред да започне работниот ручек Трамп на новинарите им рече дека многу лоши работи би можеле да се случат доколку ракетите бидат испорачани.

1,019

Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на работниот ручек со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Белата куќа, изјави дека евентуалната испорака на ракети „Томахавк“ за Украина би можела да се сфати како ескалација на конфликтот од страна на Владимир Путин.

– Многу лоши работи би можеле да се случат – рече Трамп, додавајќи дека и на САД им се потребни тие ракети „за да ја заштитиме нашата земја“, јави Би-Би-Си.






Украинскиот претседател на истиот ручек во Белата куќа, предложи „размена на оружје и технологија“ и нагласи дека е подготвен „да разговара во кој било формат“ за мир.

Зеленски рече дека неговата земја би можела да им обезбеди на САД „илјадници дронови“ ако Вашингтон им дозволи да „користат ракети Томахавк“.

Тој рече дека оваа војна може да се запре „со ангажманот на Трамп“ и дека билатералните безбедносни гаранции од САД се „најважниот документ“. За време на 40-минутниот ручек пред новинарите Зеленски истакна дека американските енергетски компании веќе се подготвени да помогнат по последните напади врз украинската инфраструктура.

Зеленски исто така рече дека обезбедувањето билатерални безбедносни гаранции со Соединетите Американски Држави е „најважниот документ бидејќи САД се многу силни“, според Си-Ен-Ен.

Украинскиот претседател изјави и дека американските енергетски компании се „подготвени да помогнат“ на Украина по неодамнешните руски напади врз украинската енергетска инфраструктура.

„Сакаме мир, не ракети“

На прашањето дали испораката на „Томахавк“ ракети може да го натера рускиот претседател Владимир Путин да седне на маса, Трамп избегна директен одговор.

– Само сакам договор – рече тој, објаснувајќи дека секој потег на вооружување би можел да ја продлабочи кризата. – И ние ги користиме тие ракети, и ние треба да ја штитиме нашата земја – додаде американскиот претседател.

Притоа, Зеленски вметна дека ова е „технолошка војна“ и дека на Украина ѝ се потребни не само „Томахавци“, туку и беспилотни летала и други современи системи.

– Имаме голема понуда со нашите дронови – рече украинскиот лидер, што наиде на одобрување од Трамп.

Сепак, Трамп покажа двоумење околу снабдувањето на Украина со ракети „Томахавк“. Тој рече:

– Една од причините зошто сакаме да заврши оваа војна е… тоа што не ни е лесно да ви дадеме… огромни количини од многу моќно оружје… Се надеваме дека нема да им треба. Се надеваме дека ќе можеме да ја завршиме војната без да размислуваме за „Томахавк““.

„Тројцата претседатели мора да се соберат“

Трамп изјави дека лидерите на Русија, Украина и САД „мора да се соберат“. Тој се нарече „медијатор-претседател“ и додаде дека планира на Путин и Зеленски да им остави простор за првични разговори.

– Полесно е да се посредува кога страните се сакаат, а овде тоа не е случај – рече Трамп.

Трамп верува дека моментумот од мировниот договор во Газа може да се искористи и за постигнување договор меѓу Русија и Украина.

– Мораше да ја подготвиме масата како што треба. Верувам дека и овде е подготвена – рече Трамп, додавајќи дека тој процес би бил „голема чест“ за него.

Поврзани содржини