ЗЕЛЕНСКИ МУ ПИША НА ТРАМП Украина сака трговски договор со Америка
Веста ја потврди украинскиот заменик-министер за економија и трговски претставник на Украина, Тарас Качка, кој за „Интерфакс-Украина“ изјави дека земјата е сериозно заинтересирана за ваков договор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложил склучување договор за слободна трговија меѓу Украина и САД, со цел унапредување на економската и одбранбената соработка меѓу двете земји. Иницијативата е презентирана во писмо што Зеленски му го испратил на американскиот претседател Доналд Трамп.
Веста ја потврди украинскиот заменик-министер за економија и трговски претставник на Украина, Тарас Качка, кој за „Интерфакс-Украина“ изјави дека земјата е сериозно заинтересирана за ваков договор.
– Иако САД не се најголем трговски партнер на Украина, ние сме отворени за вакви договори со сите земји од Г7. Веќе имаме договори со Обединетото Кралство, Канада и Европската Унија, а сега остануваат САД и Јапонија – рече Качка.
Тој нагласи дека украинските производители се повеќе се насочуваат кон најразвиените пазари во светот, каде што важат највисоки стандарди и се остварува најголема додадена вредност и профитабилност.
– Од таа перспектива, особено е важно да се создаде можност за извоз на украински производи во САД и, паралелно со тоа, да се склучи договор за слободна трговија – посочи Качка.
Основата за таков договор, според него, може да биде неодамна ратификуваниот договор меѓу Украина и САД за формирање заеднички инвестициски фонд за обнова.
– Верувам дека ова може да биде интересно и за САД, но нема потреба од брзање. Сè уште сме на самиот почеток од процесот – додаде Качка.