ЗЕЛЕНСКИ И КЕЛОГ ЗБОРУВАА, НО ГО ОТКАЖАА ПРЕСОТ ВО ПОСЛЕДЕН МОМЕНТ Се кршат копјата околу можните гаранции за Украина
Имавме детален разговор за ситуацијата на бојното поле, како да ги вратиме нашите воени заробеници и ефективни безбедносни гаранции, напиша украинскиот лидер на социјалната мрежа Икс откако беше откажана најавената прес-конференција по средбата со пратеникот на Трамп.
Откажана е планираната прес-конференција на украинскиот претседател Володимир Зеленски и главниот претставник на САД за Украина Кит Келог. На камерманите им беше дозволено накратко да влезат во просторијата. Извори за Би-Би-Си изјавиле дека се чини дека Келог е тргнат на страна од американската администрација на Доналд Трамп.
Средбата на Келог и Зеленски во Киев доаѓа откако Зеленски и Трамп си разменија остри изјави. Зеленски изјави дека Трамп живее во „руски информативен меур“, додека Трамп подоцна напиша дека Зеленски е „диктатор без избори“.
Сепак, Зеленски по средбата со Келог на Икс обзнани дека имал продуктивен состанок.
„Имав продуктивен состанок со Келог, добра дискусија, многу важни детали. Благодарен сум на САД за сета помош и двопартиска поддршка за Украина и украинскиот народ. Важно е за нас, и за целиот слободен свет, да се почувствува американската сила. Имавме детален разговор за ситуацијата на бојното поле, како да ги вратиме нашите воени заробеници и ефективни безбедносни гаранции“, напиша украинскиот лидер.
Зеленски му се заблагодари на Келог за „заедничката работа за постигнување важни резултати“.
Во четвртокот стигна и директна порака до Украина од советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, кој истакна дека Украина треба да го спушти тонот и да го прифати предложениот договор за ретки минерали со САД кој Зеленски одби да го потпише во својата првична верзија.
Трамп повеќепати повтори дека договорот САД да користат до 50% од ретките минерали на Украина е услов за континуираната поддршка на САД за Украина.