📽️ ЗЕЛЕНСКИ ГО ПОКАЖА БУНКЕРОТ ОД КОЈ МУ ПРКОСЕШЕ НА ПУТИН Украина останува непоразена по 4 години војна

Украинскиот лидер го покажа бункерот од Банкова од каде ја водеше одбраната на Киев и се присети на првите денови од руската инвазија, порачувајќи дека Украина 4 години подоцна сè уште стои исправена.

11

Челичните ходници под Банкова повторно проговориле. Украинскиот претседател Володимир Зеленски објавил снимка по повод 4 години од почетокот на целосната руска инвазија и ја покажал внатрешноста на бункерот во Киев, од каде во првите денови барал оружје и поддршка од светските лидери.

Истовремено, тоа е бункерот во кој Зеленски се засолна додека имаше повеќе обиди за ликвидација на украинското раководство од страна на руските служби. Според украинската страна, руски диверзантски групи планирале атентато врз Зеленски и пуч во Киев во првите часови од војната.






Станува збор за засолништето на улицата Банкова, каде што се наоѓа претседателската администрација. Од таму се одржувале дневни воени брифинзи, телефонски разговори и клучни одлуки во најкритичните моменти.

– Ова е денот кога поминаа точно четири години откако Путин ја започна својата тридневна кампања врз Киев. Самото ова многу кажува за нашиот отпор, за тоа како Украина се бореше цело време. Зад овие зборови стојат милиони наши луѓе. Зад овие зборови стојат огромна храброст, неверојатно напорна работа, издржливост и долгиот пат по кој се движи Украина од 24 февруари – рече Зеленски.

„Нашиот народ избра отпор“

На видеото се гледаат долги коридори и канцеларии каде што работеле стотици соработници.

– Нашиот народ не го крена белото знаме, туку го бранеше сино-жолтото. А окупаторите, кои мислеа дека тука ќе бидат пречекани од масите со цвеќиња, наместо тоа видоа редици пред регрутните центри. Нашиот народ избра отпор – рече Зеленски.

Тој се присети на првите денови кога цивили формирале човечки ѕидови и запирале воени колони.

– Обичните луѓе буквално формираа човечки ѕидови, запираа колони од воени возила и заедно го покажаа единствениот вистински пат кон залутаната Русија.

Потсетување на Буча и Мариупол

Зеленски ги спомна Буча, Ирпин, Бородјанка и Мариупол. Говореше за масовни гробници и напади врз станбени згради и врз породилишта.

– Мажите не се борат вака. Луѓето не се однесуваат вака. Украинците нема да го заборават ова. Нека сите оние кои немаат каење, сите оние кои сè уште му помагаат на руското зло и сè уште купуваат нафта од Путин, ги видат овие видеа.

Од панцири до „Патриот“ и „Ф-16“

Претседателот на Украина истакна дека земјата минала пат од донирани панцири до напредни системи како „Патриот“, „Ирис-Т“, „НАСАМС“ и борбени авиони „Ф-16“. Посочи дека земјата денес произведува повеќе од 3 милиони беспилотни летала годишно.

Според него, украинската армија соборува стотици беспилотни летала „Шахед“ за една ноќ и спроведува операции од големи размери, како операцијата во Курскиот регион и операцијата „Пајажина“.

„Путин не ги постигна своите цели“

Зеленски им оддаде почит на загинатите бранители и им се заблагодари на војниците, семејствата, лекарите, волонтерите и наставниците.

– Путин не ги постигна своите цели. Тој не ги уништи Украинците. Тој не ја доби оваа војна. Ние ја зачувавме Украина и ќе направиме сè за да обезбедиме мир и правда.

Поврзани содржини