ЗЕЛЕНСКИ ЌЕ СМЕНИ АМБАСАДОРКА ЗА АТЕР НА ТРАМП Маркарова заминува од САД во критичен момент

Замената на украинската амбасадорка во САД се гледа како обид на украинскиот претседател да му угоди на американскиот колега во чувствителен момент, особено откако минатата недела САД го одложија испраќањето на претходно одобрени воени испораки. Денеска, 8 јули, шефот на САД објави дека повторно ќе започне испораката на оружје.

422

Претседателот на Украина Володимир Зеленски се согласил да ја замени амбасадорката на Украина во САД, Оксана Маркарова, за време на неодамнешен телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, објави денеска „Фајненшл тајмс“.

Според британскиот весник, двете страни во моментов разговараат за можни наследници, кои ќе треба да добијат одобрение и од Киев и од Вашингтон. Маркарова е амбасадор во САД од 2021 година, но некои републиканци ја критикуваат како премногу блиска со Демократската партија.






Нејзината замена се гледа како обид на Зеленски да му угоди на Трамп во чувствителен момент, особено откако минатата недела САД го одложија испраќањето на претходно одобрени воени испораки, додека Русија продолжува со жестоки ракетни и дронски напади повеќе од три години по почетокот на инвазијата.

Според весникот, замената на Маркарова ќе биде дел од поширока реконструкција на кабинетот, која ќе биде објавена следната недела. Зеленски досега неколкупати го реорганизираше кабинетот од почетокот на војната.

Висок украински функционер изјавил дека Зеленски сака на таа функција да постави личност која е „добар преговарач“ и „разбирлива и за Белата куќа и за Конгресот“.

Меѓу потенцијалните кандидати, според „Фајненшл тајмс“, се украинскиот премиер Денис Шмигал и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Поранешниот дипломат на ЕУ во Киев, Балаж Јарабик, за весникот изјави дека промените се насочени кон справување со политички, економски и општествени притисоци преку создавање впечаток на обновување и одржување контрола, а не како знак на стратегиска промена.

Поврзани содржини