ЗЕЛЕНСКИ ЌЕ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО ВОЈНАТА Украинскиот претседател најави заминување, но сега во фокус се нападите

Украинскиот претседател во интервју за Аксиос откри дека има поддршка од Доналд Трамп за нови целни напади врз Русија и порача дека е подготвен да поднесе оставка штом војната заврши.

717

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се повлече од функцијата по завршувањето на војната со Русија, но дека во моментот неговата земја мора решително да продолжи да одговара на руските напади.

Во интервју за Аксиос, кое го дал на Менхетен непосредно пред заминувањето од Генералното собрание на ОН, Зеленски откри дека има експлицитна поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп за изведување целни удари врз руските енергетски објекти и фабрики за оружје, под услов Украина да добие дополнително оружје со долг дострел.






Тој прецизираше дека украинската армија нема да бомбардира цивили, но испрати предупредување до Москва.

– Претставниците на Кремљ треба да знаат каде се засолништата за бомби“ во случај конфликтот да продолжи – рече украинскиот претседател.

Зеленски остро го коментираше и самитот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин што минатиот месец се одржа во Алјаска, оценувајќи дека „Путин доби што сакаше“, додека Киев и натаму чека нови системи на вооружување што би можеле да го забрзаат крајот на војната.

Украинскиот лидер додаде дека за време на средбата со Трамп во Њујорк, нагласил потреба од специјален систем на вооружување, кој би служел како средство за притисок врз Путин за да седне на преговарачка маса.

– Ќе го именувам системот кога камерите ќе се исклучат – изјави Зеленски, откривајќи дека Трамп ветил дека ќе работат на тоа.

Поврзани содржини