ЗЕЛЕНСКИ БАРА СРЕДБА СО ПУТИН ЗА ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ ВИСТИНСКИ МИР Предлага нова рунда преговори следната недела
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави претходно денеска дека руската делегација е подготвена да дојде во Истанбул на трета рунда разговори со украинската страна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи нови преговори со Русија што би се одржале следната недела, објавија светските агенции.
Во своето вечерно обраќање до нацијата, Зеленски нагласи дека динамиката на преговорите треба да се забрза и дека треба да се направи сè за да се постигне прекин на огнот, пренесува Укринформ.
-Руската страна треба да престане да се крие од одлуките. Размена на затвореници. Враќање на децата. Запирање на убиствата. И потребен е состанок на лидерско ниво за вистински да се обезбеди мир – навистина траен. Украина е подготвена за таков состанок – нагласи претседателот на Украина.
Зеленски рече дека разговорите со руската страна во врска со размените се во тек, дека Украина продолжува да ги исполнува договорите од последниот состанок во Истанбул и дека тимот моментално работи на уште една размена.
Последната размена на затвореници меѓу Украина и Русија се одржа на 4 јули.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави претходно денеска дека руската делегација е подготвена да дојде во Истанбул на трета рунда разговори со украинската страна.
Таа изрази надеж дека Киев ќе дејствува во духот на постигнатите договори и ќе го продолжи процесот на преговори со цел прекин на огнот.
Украина и Русија одржаа две рунди преговори во Истанбул оваа година, што доведоа само до размена на воени заробеници, но не и до пробив во позициите на двете страни за условите на прекинот на огнот, потсетуваат агенциите.