ЗЕКИРЈА ТАИРИ Е НОВ ПРАТЕНИК ОД ВРЕДИ Дојде на местото на Беким Сали, кој стана прв вицепремиер и министер за европски прашања

62

На предлог на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, како и известувањето од Државната изборна комисија (ДИК), Собранието на денешната 80. седница му го верификува мандатот на новиот пратеник Зекирја Таири од „Вреди“, кој доаѓа на местото на Беким Сали, кој е именуван за прв вицепремиер и министер за европски прашања.

На почетокот, по предлог на група пратеници и предлагачи, беа повлечени предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за полицијата и на Законот за внатрешни теработи, двата по скратена постапка.






Седницата на Собранието ќе продолжи по завршувањето со работата на неколку комисии, односно по паузата до 12.30 часот, која ја даде претседателот Африм Гаши.

Во продолжението на седницата Собранието треба да изврши избор на Арлинда Кадри-Шахиновиќ и Сузана Јошевска-Анастасовска за членки на Судскиот совет на Република Северна Македонија, предложени од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Пратениците треба да донесат и да разгледаат повеќе предлог-закони, меѓу кои се и измените и дополнувањата на Кривичниот законик во прво читање, како и предлог-законот за престанување на важењето на Законот за вонсудското спогодување, во прво читање, предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за регистар на задолжителното социјално осигурување и на Законот за системот за процена на лицата со попреченост, предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за дополнително финансирање на проектот за изградба на фискултурни сали, сите во прво читање.

Поврзани содржини