Здравствените власти се прават Енглези пред британскиот сој кој јуриша во Македонија
Додека Македонија се воздржува од дополнителни забрани и затворање, здравствените власти во соседна Србија предложија локдаун.
Македонските здравствени власти сè уште игнорираат заострување на мерките за заштита од коронавирусот, иако дневните бројки достасаа до 807 нови случаи, на 3.312 тестирања, но и епидемиолозите и лекарите, алармираат дека Македонија е влезена во нов бран на ширење на заразата, пред сѐ, поради мутациите на вирусот, но и поради непочитувањето на пропишаните мерки.
Министерот за здравство Венко Филипче не ја исклучи можноста дека и во земјава ќе се воведат поостри мерки, но според него засега нема индиции за такво нешто. Додека Македонија се воздржува од дополнителни забрани и затворање, здравствените власти во соседна Србија предложија локдаун. Утрово го прашавме Министерството за здравство дали сегашните бројки на заразени и хоспитализирани поттикнуваат потреба од нови рестрикции, заострување на мерките и кога може да се очекува тоа. Се обидовме да стапиме во контакт и со Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести, но тој не одговори на нашите телефонски повици.
– Во моментов мерките кои се на сила даваат резултат. Во зависност од епидемиолошката состојба и врз основа на проценка од страна на стручните лица, можно е и понатамошно заострување на мерките со цел заштита од ширење на вирусот во државата. На денешниот состанок, Комисијата за заразни болести донесе одлука во која ќе се предложи задолжителен карантин од 14 дена за лица кои доаѓаат од сите африкански земји – велат од Министерството за здравство.
За сериозноста на состојбата со новозаразени и за воведување нови мерки ги прашавме лекарите, кои за разлика од здравствените власти велат Македонија задоцни и во овој напад на коронавирусот, овој пат на британскиот сој.
– Сите показатели од останатите држави неминовно сугерираат дека сме навлезени во нов бран на ширење на заразата. Бројките во последниве две недели сугерираат дека таа тенденција не ја заобиколува ниту нашата земја. Токму поради тоа неминовно е дел од мерките да се заострат, а уште повеќе моменталните мерки и препораки ригорозно да се применуваат. Со оглед дека ни претстојат потопли денови, можеби една од мерките кои може да се спроведат е сите угостителски објекти да работат само на отворено, т.е. да им се дозволи непречено работење на комплетно отворените тераси со задолжително растојание над два метри – вели д-р Нико Беќароски за Плусинфо.
Тој го коментира и непочитувањето на мерките во маркетите и во градските автобуси, кои веќе подолго време како никој да не ги контролира.
– Во последниов период сведоци сме на неприменување на мерките за дезинфекција при влез во маркетите, како и на неограничување на бројот на купувачи во нив, што сметам дека е голема грешка, која мора под итно да се корегира. За жал, мерките во ЈСП како да не постојат, што е недопустливо. Во сите работни простории да се воведе задолжително проветрување од 10 минути, секој работен час – вели д-р Беќароски.
Во соседна Србија, откако во земјата драстично се зголеми бројот на новозаболени од коронавирусот, тамошниот кризен штаб предлага вонредна состојба со затворање на сите установи освен на аптеките, продавниците за храна и бензинските станици. Ваков предлог денеска испорача српскиот Кризен штаб, а епидемилогот Предраг Кон, вели дека нема алтернатива, мора да има многу поостри мерки за да се прекине ланецот на пренос на вирусот. Во врска со заострување на мерките во Македонија, лекарите, но и епидемилозите се едногласни, но се против целосно затворање.
– Што се однесува до комплетен локдаун, изразито сум против, бидејќи менталното здравје кое е драстично нарушено во изминатите 365 дена, со една таква мерка би било сериозно засегнато. Ригорозните мерки од таков вид ќе придонесат за колективна апатија и безнадежност во справувањето со пандемијава. Во моментов мислам дека обезбедувањето вакцини и започнувањето масовна вакцинација би бил најдобриот тригер, кој ќе придонесе населението да поверува дека има излез од овој маѓепсан круг и ќе влее оптимизам дека сепак оваа депресивна ситуација има свој крај – порачува д-р Беќароски.
Д-р Ненад Лазаров со кого разговаравме откако денеска прими вакцина против коронавирусот е категоричен дека македонските здравствени власти веќе доцнат со заострување на мерките и дека повторно економијата има приоритет пред животот. Тој смета дека здравствените власти токму поради британскиот сој на вирусот, за кој е карактеристично тоа што многу брзо се шири, требало со време да реагираат и да спречат неконтролирано ширење.
– Не само што е неопходно воведување построги мерки, туку е и задоцнето со оглед на брзото ширење на британскиот сој на вирусот, тоа требаше да се случи вчера. Повеќе од една недела бројките на новозаразени растат, но и на хоспитализирани пациенти, тој процент е пораснат за 60 отсто, имаме повеќе од 700 пациенти по болниците – предупредува д-р Лазаров.
Тој предлага да се затворат сите угостителски објекти затоа што тинејџерите се најчестите преносители на вирусот.
– Во овој период се заразија и луѓе кои цела година успеале да се заштитат, а кои велат дека вирусот им го донеле дома нивните деца. Затоа требаше досега да се затворат сите угостителски објекти. Ако во едно кафуле од 40 квадрани метри има еден заразен, тогаш бидете сигурни дека за дваесетина минути ќе се заразат уште двајца. Во ваква ситуација, Караџовски и Комисијата за заразни болести никаде ги нема – вели д-р Лазаров.
Според д-р Лазаров за секој кој патувал во Африка и во Јужна Америка треба да се воведе задолжителна изолација од 14 дена.
– Ако ни го донесат сојот од Африка или од Бразил ќе има катастрофа од епски размери – предупредува докторот кој откако се вакцинираше ни рече дека имал зголемена телесна температура, болки во зглобовите и во мускулите, но дека тоа се издржува кога се знае дека вакцината нуди заштита.
Според последните податоци од Министерсвото за здравство на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава денеска се лекуваат вкупно 750 болни од ковид-19. Од нив 307 лица се на инфективните оддели во главниот град, додека 443 пациенти се лекуваат во ковид центирте низ земјата.