Здравствениот систем дише на респиратор, денови се во прашање

Сè што ќе биде повеќе од 1.000 хоспитализирани пациенти, објаснува Д-р Караџовски, ќе претставува сериозен предизвик за земјава.

1,835

Здравствениот систем е пред колапс по вртоглавите бројки од над 1.200 заразени пациенти со ковид-19 на дневна основа. Еден од десет новозаразени пациенти завршува во болница, бидејќи неговата здравствена состојба задолжително бара болнички третман. Земјава се соочува и со експоненцијален раст на епидемиолошката крива, а здравствените власти изминативе две недели се во целосна мобилизација на болниците и на кадарот. Паника се чувствува и кај самите лекари. Се жалат дека се при крај со силите и велат дека не знаат уште колку долго ќе можат да го издржат притисокот. Од една страна, посочуваат тие, секојдневно има страшна навала од пациенти, а од друга страна, има голем дефицит на болнички кревети и на медицински персонал.

Според здравствениот ковид-билтен, во болниците низ земјава моментално лежат 888 заразени или сомнителни пациенти со ковид-19, а оваа бројка е повеќе од алармантна, особено ако се земе предвид тврдењето на првиот човек на Комисијата за заразни болести, Д-р Жарко Караџовски, кој вели дека здравствениот систем во земјава може да згрижи само 1.000 пациенти. Ваквата негова проценка нè води кон тоа да пресметаме дека во болниците низ земјава засега може да се најде празен кревет за уште стотина пациенти, а ако се земе предвид просекот од по 40 хоспитализирани лица на ден, тогаш лесно би било да се пресмета дека здравствениот систем буквално „дише на респиратор“. Сè што ќе биде повеќе од 1.000 хоспитализирани пациенти, објаснува Д-р Караџовски, ќе претставува сериозен предизвик за земјава.






Здравството го вклучи црвениот аларм и бара дополнителен простор за згрижување на сите кои имаат тешка клиничка слика како последица на вирусот. Ако ги споредиме бројките од пред еден месец, тоа значи дека сега, на 6 ноември, има за 2,5 пати повеќе хоспитализирани пациенти отколку што имало на 1 октомври.

Хоспитализирани во болница

1 октомври – 362 пациенти

6 ноември – 888 пациенти

Од Министерството за здравство најавија дека на интерните клиники има дополнителни 150 кревети за прием, а како помош за медицинскиот персонал ги повикаа специјализантите. Сепак, може да се каже дека апелот за помош до 56-те приватни интернисти не вроди со некаков голем плод, бидејќи само деветмина од нив се пријавиле за да помогнат во лекувањето на заразените пациенти.

Претседателот на здружението на лекари интернисти, Александар Манолев, за Фактор посочи дека причина за ваквиот исход е фактот што лекарите веќе имаат премногу свои пациенти, а само пријавените деветмина лекари ќе чекаат своја распределба.

Засега е најавено дека за прием на нови пациенти од утре ќе биде отворена Клиниката за неврологија, како и дел од останатите интерни клиники. Од денеска, исто така, по наредба на претседателот на државата, Стево Пендаровски, во помош против невидливиот непријател, со свој кадар и опрема ќе се приклучи и Армијата. Војската ќе помага и во поставување шатори и друг вид сместувачки капацитети наменети за лекување на заболените лица.

Но, на маките им нема крај. Дополнителен проблем сега се јави во болниците во помалите градови во земјава, бидејќи и таму секојдневно расте бројот на заразени пациенти, но и бројот на заразени здравствени работници. Па, како што велат лекарите од неколку болници во внатрешноста, постои реална опасност дека ќе дојде ден кога нема да има кој да ги згрижува пациентите.

Директорот на болницата во Струмица, Д-р Наќе Гогов, вели дека потребен е прием на персонал.

– Новиот дел за прием на пациенти ќе зависи од персоналот којшто ќе го имаме, односно дали ќе имаме доволно здравствени работници за да можеме да преселиме дел од пациентите. Треба да ни дозволат да направиме прием на персонал, сестри и доктори за да може некој да работи таму – вели Д-р Гогов.

Од утре со помош ќе се вклучи и армијата, по наредба на претседателот Пендаровски.

Инаку, освен драстично зголемување на бројот на хоспитализирани, бројките покажуваат дека во моментот има 12.762 активни случаи, што е за 5 пати повеќе од пред еден месец кога имаше 2.327.

Активни случаи

1 октомври – 2.327 случаи

6 ноември – 12 762 случаи

Во последните 24 часа регистрирани беа 1.275 нови случаи на ковид-19, направени се 3.331 тестирања. Досега во земјата се направени вкупно 262.446 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 36.372, бројката на оздравени пациенти е 22.526, на починати е 1.084, а бројот на активни случаи изнесува 12.762.

Пациент моли за помош: Се борам за секој здив!

Југослав Николиќ, кој во моментов се лекува од коронавирусот на Клиниката за белодробни заболувања во комплексот „Мајка Тереза“ во Скопје, преку социјалните мрежи упати апел за финансиска помош, за да биде префрлен на приватна клиника.

Вели, иако лекарите и сестрите се борат како последните упорни херои, жртви на воен фронт, сепак, смета дека Клиниката не може да му ги пружи идеалните услови за неговиот организам да ги има сите шанси за борба.

Ви го пренесуваме неговиот апел во целост:

Драги мои роднини, пријатели и сите што ова ќе го прочитате,

Дојде момент да немам друг избор и помош да барам јавно. Јас сум Југослав и сум пациент на клиниката за белодробни заболувања во комплексот Мајка Тереза, позитивен на ковид-19 и со лоша клиничка слика.

Се борам за секој нареден здив, вода пијам голтка по голтка со многу вложен труд и болка бидејќи грлото ми е во рани од кашлица и исплукување крв. Клиниката е преплавена со заболени, лекарите и сестрите борци се борат како последните упорни херои, жртви на воен фронт.

Секој ден се плашам дека можеби ова е мојот последен ден на овој мил свет. Моите сестри веќе заминаа од светот на живите, а јас секој миг се плашам дека мајка ми ќе остане и без последното чедо кое што не успеа да остави ни внуци позади себеси.

Сметам дека Клиниката не може да ми ги пружи идеалните услови за мојот организам ги има сите шанси за борба па одлучив да Ви се обратам Вам за помош. Хуманитарните луѓе од млекара Бучен Козјак веќе помогнаа со голем дел од средствата кои ми се потребни да се лекувам на приватна клиника каде што сметам дека медицинскиот тим може да ми пружи подобри шанси за живот, но ми недостасуваат уште 9.000 евра за да примам озонска терапија и крвна плазма и да ја продолжам борбата со нови сили.

Ве молам сите што сте во можност и на кои нема да можам можеби и никогаш да Ви се одолжам, доколку можете, да ми донирате средства на следните сметки:

Банка: Комерцијална Банка АД Скопје Име: Југослав Николиќ трансакциска сметка: 300007086496153 девизна сметка(IBAN): MK07300307015989360

Поврзани содржини