Здравковски: Печатењето на дигиталните учебници ќе падне на товар на родителите кои не можат ни струја да платат
Учебниците наместо МОН, според Царовска, ќе треба да ги печатат училиштата, кои од задолжените општини не можат да обезбедат финансии ниту за најосновните потреби, па оттука учебниците ќе паднат на товар на родителите, вели Здравковски.
Печатењето на дигиталните учебници ќе падне на товар на родителите, на оние истите кои немаат струја, интернет, а не пак компјутер за своите деца, реагира Игор Здравковски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој вели дека министерката за образование Мила Царовска со укинувањето на печатените учебници и воведувањето дигитални ја спроведува најдлабоката социјална поделба и дискриминација во последните години во Република Македонија и ја вади на површина сета лага наречена „Едно општество за сите“.
– Со оглед на тоа дека и самата Царовска кажува дека 1.300 ученици немаат струја, стотици ученици учат алтернативно, на телевизија и со земање печатени материјали од училиштата, стотици немаат уреди за следење онлајн настава, таа треба да е сосема свесна дека околу 25.000 ученици остануваат на милост и немилост на судбината и финансиската немоќ на нивните родители, од проста причина што овие ученици се припадници на најранливите категории граѓани. Учебниците наместо МОН, според Царовска, ќе треба да ги печатат училиштата, кои од задолжените општини не можат да обезбедат финансии ниту за најосновните потреби, па оттука учебниците ќе паднат на товар на родителите. На оние истите родители кои немаат струја, немаат интернет, а не пак компјутер за своите деца. Образованието веќе нема да биде бесплатно, а социјалната нееднаквост меѓу учениците ќе се зголемува, со тоа и нерамноправноста и булингот, кој и онака е присутен во нашите училишта – вели тој.
Пратеникот Здравковски смета дека без печатени учебници се врши нехуман експеримент врз идните генерации на Македонија и во превез на модернизација се спроведува разрушување на и онака кревкото образование.
– Без книга, без класична печатена книга нема вовед во знаење и љубов кон знаењето, ниту пак ќе имаме успешно образование. Таа постои и во оние најмодерни земји во кои дигиталната книга е опција и за учење и за читање. За нашата Македонија книгата е насушна потреба и неа нема право никој да ја одземе. Ја прашуваме министерката дали под превезот на модернизацијата, покрај тоа што ги укинува и историјата, македонскиот јазик, народното творештво, културното наследство, ги укинува и учебниците, со што без пишана трага на хартија ќе биде многу полесно да се уништи и целиот образовен систем и идентитетот на идните генерации – додава пратеникот Здравковски.