ЗБОРОТ „МОРАЛ“ НЕ ПОСТОИ ВО РЕЧНИКОТ НА НАШИТЕ ПОЛИТИЧАРИ Филипче се посрамоти!

Не Филипче, кој и да беше на неговата позиција, во која било држава, ќе мораше да сноси морална одговорност и да им отвори пат на органите на истрагата. Морална е обврската да се даде оставка, а разрешени да бидат сите одговорни во раководењето на тетовската болница, сметаат повеќето експерти.

2,640

Зачуденост и неверување, па дури и гнев во јавноста предизвика одлуката на министерот за здравство Венко Филипче да си ја задржи министерската фотелја и да не поднесе оставка поради страшната несреќа што се случи во тетовската модуларна болница, во која живи изгореа 14 луѓе. Тој на вчерашната прес-конференција во неколку наврати умешно одбегна да одговори на новинарските прашања дали чувствува морална одговорност, но затоа, пак, ја користеше секоја можност за да најави дека одлука за оставка ќе донесе по завршувањето на истрагата.

Според аналитичарите и експертите со коишто разговараше Плусинфо, ваквата постапка на министерот за здравство би се сметала за скандалозна доколку земјава имаше друго име – Шведска, Данска или Швајцарија, на пример. Но, во поглед на тоа како стојат работите во моментов, посочуваат нашите соговорници, може да се заклучи дека Македонија не само што не напреднала на етички план во последните три децении, туку и почнала да се симнува надолу. А таму, долу, додаваат тие, се знае што може да има – адот.






Истрагата веќе покажа: 14 мртви пациенти

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, во изјава за Плусинфо, вели дека министерот за здравство Венко Филипче направил две големи грешки во текот на вчерашниот ден. Првата грешка, според аналитичарот, е наместо веднаш да излезе пред јавноста, закажа прес-конференција цели 20 часа по несреќата во Тетово. Втората грешка, додава Пекевски, е тоа што министерот не си поднесе оставка од морални причиини, туку реши да ги чека резултатите од истрагата.

Ако падне авион, на пример, министерот не треба да ја чека истрагата за да си поднесе оставка, туку веднаш го прави тоа без разлика на резултатите од истрагата. Тогаш не е важно кој го управувал авионот, како го управувал и кој е виновен за несреќата. Фактот е дека авионот се срушил и дека загинале патниците.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

– Не знам зошто луѓето се изненадени, ама зборот морал одамна не постои во речникот на политичарите во земјава. Ги фаќаме како нè лажат, ги фаќаме како нè крадат и како нè манипулираат, но никој функционер не поднесува оставка од морални или од фактички причини. Тоа е така затоа што немаме демократски институции и немаме демократска јавност. Како прво, министерот за здравство Венко Филипче излезе на прес-конференција дури 20 часа од несреќата во модуларната тетовска болница. Притоа, на граѓаните им рече дека не планира да поднесе оставка од морални причини поради згаснувањето на 14 човечки животи. Во нормална држава, одговорност и оставка се носи неколку минути по случената несреќа. Ако падне авион, на пример, министерот не треба да ја чека истрагата за да си поднесе оставка, туку веднаш го прави тоа без разлика на резултатите од истрагата. Тогаш не е важно кој го управувал авионот, како го управувал и кој е виновен за несреќата. Фактот е дека авионот се срушил и дека загинале патниците. Истото требаше да се случи и по пожарот во Тетово, министерот за здравство и директорот на болницата да си поднесат оставки, а истрагата подоцна нека утврдува кој е виновен. Фактот е дека прерано згаснаа човечки животи и тоа е најважното – објаснува Пекевски.

„Јамб во најава“ за Филипче

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, посочува дека неподнесувањето оставки е веќе воспоставена пракса во Македонија, затоа што никој од функционерите не сака да ја напушти фотелјата.

Неподнесувањето оставки е веќе воспоставена пракса во Македонија и никој не сака да ја напушти фотелјата.

Стојан Андов Поранешен претседател на Собранието

– Несреќата во тетовската модуларна болница се случи во многу лошо време, односно кога сите сили во државата се свртени кон борбата со пандемијата. Верувам дека и на министерот за здравство не му е сеедно поради тоа што 14 животи на пациенти згаснаа за помалку од шест минути, но тој сепак одлучи да не поднесе оставка од морален аспект. Јас долго време сум во политиката и можам да кажам дека на прсти се бројат функционерите кои си поднеле оставка од морални причини. Неподнесувањето оставки е веќе воспоставена пракса во Македонија и никој не сака да ја напушти фотелјата. За пример земете ја Јапонија, каде што министерот си поднесува оставка од морални причини само затоа што патничкиот воз задоцнил неколку минути на железничката станица. Можеби тоа е е изолиран случај и можеби друг јапоснки министер не би постапил така, но примерот покажува дека постои морална одговорност во таа земја. Кај нас, нема такво нешто – објаснува Андов.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека граѓаните треба да ја испочитуваат одлуката на министерот Венко Филипче за тоа да си поднесе оставка доколку истрагата утврди негова вина за пожарот. Но, како што вели, народот никако не смее да биде попустлив доколку истрагата покаже дека министерот е виновен за несреќата.

– Јас мислам дека општиот популизам нè притиска кон брзи одлуки. Ако се констатира вина, тогаш министерот за здравство Венко Филипче мора да си поднесе оставка. Јасно ми е дека народот е емотивен и разочаран, но никако не смее да биде жеден за крв. Исто така, народот никако не смее да биде попустлив доколку се испостави вина кај министерот за здравство. Ова е „јамб во најава“ за Филипче. Најголемиот проблем е во тоа што народот не верува дека истрагата ќе биде брза и независна – објаснува Арсовски.

Д-р Цана: Морална, ама и правна одговорност!

Инфектологот од Клиниката за инфективни болести, доктор Фадиљ Цана, истакна дека тетовскиот ковид-центар бил жариште на заразата, откако се дозна дека роднини на пациенти престојувале во модуларната болница заедно со болните.

– Шокантно е да се дознае дека во тој ковид центар имало и роднини на пациенти. Тие внатре влегувале и излегувале кога сакале и тој ковид-центар не служел само за лекување, туку тоа било жариште за проширување на инфекцијата – рече д-р Цана.

Тој додаде дека сето тоа се одвивало со знаење на персоналот и на Министерството за здравство и поради тоа некој треба да сноси морална и правна одговорност.

– Сметам дека кој било, не само министерот, да беше на таа позиција и во која било држава, морално би требало да сноси одговорност и да им се отвори пат на органите за истрага. Морална е обврската да се даде оставка, а разрешени да бидат сите одговорни во раководењето на тетовската болница – вели д-р Цана.

„Морална одговорност не се утврдува, туку се чувствува“

Најголемата опозициска партија во земјава, ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Зоран Заев дека втор ден се крие од јавноста по трагедијата во Тетово.

„Дознавме дека моралната одговорност на Филипче ќе зависела од истрагата. Но Филипче треба да знае дека морална одговорност не се утврдува, туку треба да се чувствува. Во овие траорни моменти најважно е да се има јасна слика за истрагата и преземање на одговорноста“, наведено е во партиското соопштение.

Таму е посочено дека не е возможна објективна истрага „кога Заев и Филипче ќе водат истрага за Заев и Филипче“. Затоа, како што велат од партијата на Христијан Мицкоски, тие треба да се повлечат и да поднесат оставки.

Од СДСМ, пак, возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја поткопа истрагата.

„Додека државата е во тага, ВМРО-ДПМНЕ сака да ја поткопа независната, непристрасна, објективна и ефикасна истрага за пожарот во модуларната болница во Тетово, која ќе ги даде сите одговори. Институциите имаат стручност и капацитет да спроведат темелна и ефикасна истрага. Вклучувањето на странски експерти во откривањето на причините за пожарот е дополнителна потврда за непристрасност во постапката. Јавноста навремено ќе биде запознаена со секоја запирка и точка од извештајот на истрагата и дејствијата што се преземаат. Никој нема да биде изземен од одговорност ако истрагата тоа го утврди“, соопшти партијата на Зоран Заев.

Само три оставки во цели 30 години

Во независна Македонија само тројца министри од сите досегашни влади поднеле оставки од морални причини.

Првиот министер кој поднесе оставка од морална одговорност е министерот за транспорт и врски, Антони Пешев, во време кога премиер беше Бранко Црвенковски, а причина за оставката беа двете авионски несреќи што се случија во 1993 година. Првата авионска несреќа се случи на 5 март 1993 година, кога на полетување од скопскиот аеродром се урна патнички авион и загинаа 86 патници. Осум месеци подоцна, на 22 ноември 1993 година, кај аеродромот во Охрид се случи и втората авионска несреќа кога загинаа 115 патници. Министерот Пешев тогаш поднесе неотповиклива оставка, а премиерот Бранко Црвенковски му ја прифати.

Вториот министер кој поднесе оставка од морални причини беше министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчковски, кој се откажа од функцијата по атентатот врз претседателот на државата Киро Глигоров. Првиот полицаец тогаш ја поднесе оставката до тогашниот премиер Бранко Црвенковски, а тој му ја прифати и го назначи за министер за надворешни работи.

Третиот министер кој поднесе оставка од морален аспект беше министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, кој оставката ја поднесе поради несреќата на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро, што се случи на 5 септември 2009 година во близина на кампот „Елешец“. Тогаш загинаа 15 бугарски туристи, а петмина беа повредени. Министерот Јанакиески му ја понуди својата оставка на тогашниот премиер Никола Груевски, но таа не му беше прифатена и тој продолжи да ја извршува функцијата.

 

Антони Пешев, Миле Јанакиески и Љубомир Фрчковски

 

Во светот фрчат оставки и за помали несреќи

Аргентинскиот министер за здравство, Гинес Гонзалез Гарсија, пред неколку месеци поднел оставка од министерската функција откако истражувачките новинари откриле дека некои луѓе успеале преку врски да набават вакцина против коронавирусот.

Министерот за здравство во Јордан, Натер Обеидат, поднел оставка од функцијата поради смртта на осум пациенти, кои починале поради недостаток на кислород во болницата во Аман.

Словачкиот министер за здравство, Марек Крајци, пак, се откажал од министерската позиција откако бил обвинет за лошо управување со пандемијата со коронавирусот. Спорно било купувањето на 2 милиони дози руски вакцини „Спутник“, во време кога таа вакцина сè уште немала добиено зелено светло за користење од Европската агенција за лекови (ЕМА), што довело до политичка криза во земјата.

Во август 2009 година, тајванскиот министер за одбрана и шефот на кабинетот поднеле оставки поради тоа што тајфунот Моракот пристигнал во Тајван, а реакцијата на тајландската влада и на надлежните служби била премногу бавна.

Поврзани содржини