ЗАЗЕМИ ЈАСНА ПОЗИЦИЈА, ПОБАРА ЗЕЛЕНСКИ ОД ТРАМП Украинскиот лидер се надева на санкции за Москва и гаранции за Киев
Сакам… да имаме документ што е поддржан од Соединетите Држави и сите европски партнери. Ова е многу важно, нагласи украинскиот лидер, додавајќи: „За да се случи ова, ни треба јасна позиција од претседателот Трамп“. Зеленски исто така го повика американскиот лидер да преземе силни лични чекори за да го запре Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Доналд Трамп да заземе „јасна позиција“ за да го запре Владимир Путин и да ја заврши војната во Украина.
Во ексклузивно интервју за Скај њуз од Претседателската палата во Киев, Зеленски рече дека единствениот начин да се стави крај на конфликтот лежи во дефинирани безбедносни гаранции, за кои, вели тој, е потребна храброста на Трамп, објави Скај њуз.
Зеленски изрази надеж дека британскиот премиер Кир Стармер ќе ја објасни иднината на Украина за време на државната посета на американскиот претседател на Велика Британија оваа недела.
– Пред да ја завршиме војната, навистина сакам сите договори да бидат во сила. Сакам… да имаме документ што е поддржан од Соединетите Држави и сите европски партнери. Ова е многу важно – нагласи украинскиот лидер, додавајќи: „За да се случи ова, ни треба јасна позиција од претседателот Трамп“.
Украинскиот претседател, исто така, го повика американскиот лидер да преземе „силни лични чекори“ за да го „запре Путин“. Неговиот апел доаѓа откако Трамп ги повика сојузниците во НАТО да престанат да купуваат руска нафта и воведе царини за Кина за да извршат притисок врз Москва.
– Верувам дека САД се доволно силни за да донесат свои одлуки. Верувам дека Доналд Трамп може да ни даде системи за воздушна одбрана во доволни количини, а САД имаат доволно од нив – рече Зеленски.
Тој додаде дека е уверен оти Вашингтон може да воведе санкции што ќе ѝ наштетат на руската економија.
– Сигурен сум дека САД можат да применат доволно санкции за да ѝ наштетат на руската економија, плус Доналд Трамп има доволно моќ да го натера Путин да се плаши од него. Сега недостасува силен пакет санкции од САД – рече тој, потсетувајќи дека Европа веќе воведе 18 пакети санкции.
Зеленски, исто така, ги даде своите коментари во контекст на неодамнешниот самит меѓу Трамп и Путин во Алјаска, кој остро го критикуваше. Тој рече дека Трамп „му дал многу на Путин“ и дека „требало да плати повеќе“ за состанокот.
– Верувам дека доколку беше трилатерален состанок (со вклучување на Украина), ќе имавме некои резултати – додаде тој.
По веста дека британските борбени авиони пресретнале руски дрон над Полска, Зеленски предупреди дека Путин ја тестира силата на Северноатлантската алијанса.
– Тој го тестира НАТО. Тој сака да види за што е подготвено НАТО, за што се способни, дипломатски и политички, и како локалното население ќе реагира на тоа – изјави украинскиот претседател.
Според него, Москва испраќа уште една порака: „Не се осмелувајте да ѝ дадете на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана, бидејќи можеби ќе ви бидат потребни и вам“.