ЗАЗДРАВЕНИТЕ ИЗГОРЕНИЦИ ДА СЕ ЧУВААТ ОД СОНЦЕТО Повредените од Кочани добиваат современа нега на Клиниката за пластична хирургија
Од првиот ден се трудиме лузните на пациентите да ги превенираме и да ги сведеме на минимум. Ги советуваме пациентите како треба да се однесуваат со нивната изгорена кожа, која иако е заздравена, е многу нежна, вели директорката на Клиниката за пластична хиругија Јасмина Ѓоргиевска Павловска.
Третманите на изгорениците на повредените во пожарот во Кочани многу зависат од оштетувањето и лузните на кожата, рече денеска директорката на Клиниката за пластична хиругија Јасмина Ѓоргиевска Павловска, на прес-конференцијата со министерот за здравство, Арбен Таравари.
Таа уверува дека сè што има надвор од државата во однос на пластична хирургија, се нуди и на клиниката во Скопје.
– Од првиот ден се трудиме лузните на пациентите да ги превенираме и да ги сведеме на минимум. Ги советуваме пациентите како треба да се однесуваат со нивната изгорена кожа, која иако е заздравена, е многу нежна. Им препорачуваме хидратантни креми од медицинска козметика, без парфеми и без бои, со заштитен фактор 50. Најдобро е воопшто да не излегуваат на сонце за да не пигментираат лузните. На сите пациенти им се дадени пакетчиња со креми за соодветен третман. Сè имаме и ние што се нуди надвор. Имаме и хирурушки зафати за ставање експандери за експандирање на нормалната кожа, за да се покрија лузните на лицето, рацете,… Го работиме тоа со години наназад – рече Ѓоргиевска Павловска.
Министерот Таравари повтори дека зависно од потребите и барањата на пациентите, во Кочани ќе се испраќаат мултидисциплинарни екипи составени од пластични хирурзи, психолози и психијатри. Ако треба ќе бидат вклучени и физикални терапевти, како и токсиколози, интернисти и хирурзи.
– Сите пациенти, генерално, се секој ден сè подобри, некои се екстубираат, се враќаат на нормални оддели и се третираат со трансплантација на кожа за да се затвори раната и да нема појава на нови инфекции. Остануваат препораките дека пациентите се трауматизирани и дека е добро во однос на однесувањето со нив многу да се внимава – рече тој.